Блесокот од првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ) на ракометарите на Вардар, европскиот првак од 2017 година, и капиталната предност од осум гола (31-23) остварена на дуелот во Скопје, уште не избледел, а веќе утре во Сегед (19 ч.), пред стандардните 3.200 бучни навивачи, црвено-црните ќе го играат возвратниот дуел против унгарскиот тим.
Влогот е огромен – ја отвора вратата на фајналфор-турнирот, кој 10-ти пат ќе се игра во Келн. За скопјани тоа би било трето учество, а за унгарскиот шампион прво. Ова ќе биде 10-ти меѓусебен дуел на двата клуба, Вардар славел шест пати, еднаш загубил, а две средби завршиле нерешено.
Избраниците на тренерот Роберто Парондо добро знаат што значи во ракометот да се има осум гола предност на гости, но и тоа дека Сегед дома е фаворит. Сезонава во ЛШ Вардар на гости впиша пет победи, два пораза (Киелце и Барселона) и едно реми (Мешков). Сегед, пак, дома шест пати триумфира, двапати ремизира (Загреб и Скјерн) и ниту еднаш не загуби. Највисоките победи ги оствари со Целје (33-24) и во осминафиналето со Висла (23-16), а на преостанатите победувал со еден-два гола разлика.
– Не запревме на патот кон Келн. Треба само позитивно да размислуваме. Ако сакаме успех, ќе мора да бидеме трпеливи со резултатот, но да играме брзо и мудро. Вардар сигурно ќе ја забави играта и мора да бидеме подготвени за такво нешто. Ако немаме одбрана, тогаш тешко ќе постигнуваме голови. Со нетрпение го очекувам мечот, а минатиот во Скопје треба да го заборавиме – изјави за тамошните медиуми тренерот на Сегед, Хуан Карлос Пастор.
Унгарците сигурно не го заборавиле ниту високиот пораз со 10 гола (16-26) од Металург во Скопје во 2013 година, кога беа елиминирани во квалификациите за ЛШ.