На последното Првенство на Македонија во карате за сенори и сениорки, организирано од Карате федерација на Македонија (КФМ), кое се одржа измионатиов викенд во Скопје, екипата на карате клубот Олимпик од Аеродром, постигна мошне забележителен резултат, поточно освои девет медали од кои четири златни, три, сребрени, две бронзени.
Така женската екипа во борби екипно, го освои златниот медал и стана екипен шампион на Македонија. Поединечно во борби, Михаела Мишовска во тежинската категоријата до 50 кг стана првенка на Македонија освојувајќи го златниот медал. Европската шампионка за кадетки од Европското првенство (ЕП) 2015 година во Цирих (Швајцарија), Вероника Костовска во категорија до 61 кг, се закити со златен медал и титулата најдобра во Македонија, додека Магдалена Божиноска во категоријата до 61 кг и Јована Георгиева во категоријата до 55 кг беа треопласирани, освојувајќи бронзените медали.
Кај машките во борби поединечно, Фаик Весели во категорија до 60 кг го освои златниот медал, додека Матеј Белистојаноски (до 67 кг) и Андреј Ангеловски (до 84 кг), беа второпласирани, односно се закитија со сребрени медали. Машката екипа на Олимпик беше второпласирана на ова национано карате-правенство на Македонија, за што им припадна пехар и сребрен медал.

– Овој резултат се должи на континуираната и упорна работа изминативе 20 години, во кои карате клубот Олимпик е на врвот на домашната и меѓународната сцена. Ова, секако е и добра увертира за традиционалниот карате-турнир „Олимпик опен 2025“, кој ќе се одржи на 12 април (сабота) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а љубителите на овој спорт ќе имаат нова убава можност повторно да уживаат во динамични борби на татамите – велат тренерите на клубот Олимпик, Александар Кузмановски, кој е и селектор на сениорската репрезентација на Македонија во борби и Кристијан Младеновски. Г.И.