Фото: Фејсбук

Акцент

По страшниот шок и создадената конфузија потоа, се бараат одговори за трагично згаснатиот млад живот

Ненадејната смрт на хрватскиот ракометар Денис Тот (27) длабоко ги потресе Македонија и регионот, при што голем број на ракометари, клубови и љубители на спортот, како и дневниот весник „Нова Македонија“, изразуваат сочувство до семејството на починатиот, до ракометниот клуб Бутел. чиј член беше тој, и до хрватската спортска и поширока јавност.
Но, ова не може, ниту смее вака да заврши. Заминувањето на Тот е последица на заминувањето на одговорноста кај нас сите, поединечно, колективно, но и заминувањето на одговорноста од институциите на системот. Одамна! Дури и се знаеше дека нема да се заврши и да прекине низата… модуларната ковид-болница, автобусот во близина на Скопје, па во Бугарија… и не само тоа… Господа и другари, повторно ли ќе нема одговорност?!

И оваа трагедија не е несреќен случај, туку плод на нешто многу подлабоко. Згниена е одговорноста тука!

И повторно, по справувањето со првичниот страшен шок, уследи соочување со бројни недоречености, тешка конфузија и неодговорени прашања и недоумици поврзани со трагичниот случај.

При објавувањето на првичните информации, медиумите побрзаа да истакнат дека Тот бил претепан во скопска дискотека врз основа на тврдење од член на семејството на ракометарот дадено за хрватските медиуми, по што почнаа да кружат разни шпекулации без да се води сметка за чувствителноста на немилиот настан, ниту пак да се почекаат официјалните информации од надлежните македонски институции. На тој начин беше создадена невидена конфузија во јавноста, продлабочена од нови сведоштва и непроверени тврдења од разни извори кои постојано извираа во медиумите, во бесчувствителната борба за читаност преку сензационалистичкото искористување на трагедијата, заканувајќи да ги засенат и фактите што треба да придонесат за разврска во трагичниот случај. Згора, на сè, требаше конечно нашите компетентни и подготвени институции инстант и професионално да реагираат за да се дојде до вистината и фактите, токму веднаш после немилата случка која беше ноќеска. И за тоа имаа време, а имаа и информации. Не само за да преземат мерки во рамките на своите надлежности, туку и да се спречи најстрашното. Но, во конфузијата за која сме мајстори да ја создадеме, тотално и се загубивме.

Првично беше наведено дека Тот имал бројни повреди по целото тело, повеќе фрактури и оти најверојатно бил удиран со тапи предмети, но и со раце и нозе, по што бил примен во една од скопските болници, каде што се борел за живот. Набргу потоа се огласи Министерството за внатрешни работи објавувајќи дека од Клиничкиот центар во Скопје било пријавено оти младиот ракометар бил донесен кај нив во несвест, но без видливи траги од насилство. Потоа стигна потврда и од КАРИЛ, од каде што додадоа дека Тот бил примен во ургентниот центар без срцева акција.

Ваквото сознание отвора уште едно прашање… Како тоа млад 27-годишен ракометар во полн напон на силата го губи животот поради срцеви проблеми, земајќи ги предвид грижата за здравјето што се води во денешниот модерен спорт и прегледите и контролите, кои се задолжителни за професионалните спортисти. Звучи познато?!

Допрва се очекува обдукцијата што треба да даде одговори за смртта на Тот. Никој не може да го врати младиот живот, но неговата смрт треба да послужи како предупредување со цел да се избегне случувањето на вакви трагедии, преку поголема, грижа, внимателност и ангажираност на вклучените во спортот. А треба да поттикне и човечност кај сите, особено во чувствителните моменти за целата јавност.

Но сега, да ги оставиме надлежните да го сторат своето: истражните органи да ја завршат истрагата. Здравствените институции да ја утврдат фактичката состојба и тоа со најширок опсег: од спортска медицина до обдукцијата. Советот за етика во медиумите да ја утврди одговорноста кај медиумите чија што непрофесионалност достигна врв со трагедијата на ракометарот Тот. И на крај, да се утврди чија е одговорноста за гаснење на уште еден млад живот и кој ќе ја понесе одговорноста за тоа.