Во текот на септември во Струга се одржа Светското екипно првенство за сениори во шах, каде што им беше дадена можност на возрасните играчи да се натпреваруваат за престижните трофеи, поделени во две категории: играчи над 50 години и играчи над 65 години. Учеството на ШК Алкалоид како клуб-репрезентација ги обедини македонските шаховски легенди кои во минатото беа првенци на националниот тим, а воедно, покрај тоа што во ваков историски состав за првпат настапија на СП, на почетокот беа и четврти носители, што им даде мотив да се борат за првите три места меѓу 22 пријавени репрезентации.
И покрај нерешените исходи со двете највисоко рангирани репрезентации од САД и од Англија, несреќните и минимални порази од Италија и од Исланд се испречија на патот кон трофејот. Од друга страна, пласман на петтото место во светот е реткост во македонскиот спорт и, секако, претставува потврда за квалитетната работа во најтрофејниот шаховски колектив од нашата земја, а покрај ова, гледано поединечно по табли, играчите на ШК Алкалоид беа меѓу најдобрите. Сепак, само на ВМ Трајко Недев му припадна сребрениот медал за играта на втората табла – информираат од ШК Алкалоид.
– Настапот на екипата на ШК Алкалоид на СП во категоријата над 50 беше одична можност да се собере состав од играчи кои оставија свој белег во македонскиот шах. Искусни велемајстори и повеќекратни прваци на Македонија, со еден збор, историски состав, шахисти кои доминираа со децении по осамостојувањето на државата. На крајот го освоивме петтото место, иако, реално, покажавме дека немаше да биде незаслужено ако бевме и меѓу првите три. Ова ми е прв настап на ваков сениорски турнир за играчи над 50 години, бидејќи годинава ги исполнив критериумите за влез во таа категорија. Долги години наназад, додека во репрезентацијата на Македонија играа најдобрите, јас бев најмладиот и, на некој начин, имав искуство и подготовка како да се поставам кога треба да играм со повозрасни шахисти – вели Недев во својата оцена.
Кога станува збор за неговата игра на ова првенство, несомнено дека триумфот против ВМ Јан Елвест, кој настапуваше за САД, ќе остане како победа за паметење, бидејќи е извојувана над противник што играл на турнирот на предизвикувачите за светската титула, а, дополнително, овој играч освои и златен медал за настапот на третата табла на ова СП.
– Освоениот сребрен медал е доказ дека и македонските шахисти можат да се борат рамноправно со сите светски величини. На овој турнир имаше специфика што поради релативно нискиот број на учесници, а играни девет кола, барем шест партии беа против директни конкуренти за освојување пласман. Би рекол дека на обичен индивидуален турнир помалку партии се играат со ривали кои се директни конкуренти за пласман. Во случајов имав победи над двајца велемајстори, кои исто така, освоија медали за поединечните достигнувања, Елвест од САД и Петурсон од Исланд, а единственото реми е со ИМ Сапис од Полска, кој беше шести, а загубив од ВМ Годена од Италија, кој освои бронза на втората табла. Ова покажува дека моите противници играле во одлична форма и дека имале резултат за почит – вели Недев.
Иако зад неговото име стојат повеќе освоени титули во Македонија, како и сребрен медал на ЕП во Пловдив, Бугарија, 2003 година и олимписка бронза од Ереван, Ерменија во 1996 година, Недев е сѐ помалку присутен на турнирите, а повеќе е ангажиран како тренер (со највисоката тутула ФИДЕ сениор-тренер) и како секундант, што зборува за високиот углед што го има во шаховската заедница како одличен аналитичар и познавач на теоријата.
– Овојпат имавме заеднички подготовки во Крушево, каде што заедно со другите членови на екипата работевме на осовременување на нашиот играчки репертоар. Последниве години некако природно се повлековме за да им дадеме повеќе простор на помладите, односно да ги пренесеме нашите знаења на нив, па ни беше потребен период да се посветиме и на себе како играчи. Дополнително, горд сум што овој резултат го постигнавме во годината која е јубилејна за мене, бидејќи 35 години сум член на ШК Алкалоид. Сакам овој медал да им го посветам на младите шахисти, да им служи како поттик за нивните идни достигнувања, а, воедно, да биде потсетник и за Агенцијата за млади и спорт (АМС), Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и за клубовите да инвестираат во младите ако сакаат да очекуваат подобри резултати од нив. Сметам дека во Македонија малку се прави во тој сегмент, па затоа најавувам дека секоја награда што ќе ја добијам од институциите кои ги вреднуваат спортските успеси ќе ја вложам во корист на младинскиот шах и во подобрување на неговата сегашна состојба – истакна Недев.