Фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Освојувачите на трофеите на 33. издание од Купот на ОФМ 2026 година, Вардар ЕМ во женска, односно Штип УГД во машка конкуренција добија и парична награда од Министерството за спорт. Претставници на двата клуба, како и потпретседателот и членот на ИО на ОФМ, Кирил Калеников, беа на прием кај министерот за спорт Борко Ристовски, кој за освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности им додели и парични награди од еден милион денари за Штип УГД, односно 500.000 денари за Вардар ЕМ.

-Упатувам искрени честитки за победниците во Купот на ОФМ 2026 за освоените титули и за прикажаната игра. Завршницата на Купот беше уште една убава промоција на одбојката и показател за напредокот што се случува, особено во женската одбојка. Министерството за спорт на освојувачите на Купот им додели парични награди од 1.000.000 денари за победникот во машка и 500.000 денари за победникот во женска конкуренција. Ова е наш мал придонес за сѐ она што го правите и награда за вложениот труд, да знаете дека тоа вие што го правите некој го гледа и го вреднува. Се надевам дека одбојката во Македонија во иднина ќе бележи уште поголеми успеси и уште поголема популарност– изјави Ристовски.

Министерот нагласи дека ова ќе биде практика на Министерството за спорт и во иднина.

-Ќе настојуваме ова да биде практика и за иднина, да им честитаме и да им оддадеме признание на сите што ќе направат успех. Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува резултатите и ќе ја поддржува промоцијата на спортот и на спортските вредности – истакна Ристовски.

Претставникот на ИО на ОФМ, Кирил Калеников ја потенцираше добрата соработка со Министретсвото за спорт и заедничката заложба да се подигне популарноста на одбојката во Македонија.

-Направивме еден одличен Куп, тоа беше навистина настан на ниво, салата беше полна во сите три дена на завршниот турнир, направивме еден европски пренос. Наша работа како Федерација, во соработа и со поддршка од Министерството за спорт ќе биде континуирано да ја подигаме популарноста на одбојката.Со одредени активности, организација и реорганизација на некои идни натпревари, ќе се обидеме да допреме до што поголема публика. Тоа е целта бидејќи одбојката и спортот се игра за публиката – потенцираше Калеников.

 

Одбојкарките на Вардар ЕМ беа вистинска сензација во завршницата на Купот, каде премиерниот настап го крунисаа со пехар до кој стигнаа со максимална победа над Газели Волеј во полуфиналето, додека во финалето со 3:0 го совладаа бранителот на титулата, Наковски Волеј.

Штип УГД трета година во низа доминира кога станува збор за куп-натпреварувањето. На финалниот турнир во полуфиналето ја совладаа Струмица 47&72, додека во финалето го победија Борец.