Светските медиуми деновиве како ексклузивна тема го обработуваат наводното силување кое го извршил Килијан Мбапе, еден од најдобрите светски фудбалери. И покрај обвинувањата, Французинот редовно тренира со Реал Мадрид, а многумина сметаат дека тоа е заговор на неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен.
Целата афера започна кога шведскиот весник „Афтонбладет“ објави дека францускиот напаѓач е под истрага на полицијата. Полицискиот извештај, наводно, бил поднесен во саботата, откако наводната жртва побарала лекарска помош.
Истовремено друг весник, „Експресен“, објави дека Мбапе во четвртокот вечерал во ресторанот „Ше Жоли“, а потоа со пријателите отишол во ноќен клуб во Стокхолм.
Како што пренесуваат медиумите фудбалерот наводно имал сексуална врска со девојка во Стокхолм. Според некои извори, имало секс, но со согласност. Мбапе разменил пораки со непозната девојка во неговиот телефон откако сето тоа се случило.
Самиот фудбалер дури се сомнева дека токму таа девојка ја поднела жалбата што ги преплави шведските, а потоа и светските медиуми.
Како сето тоа започна? Мбапе прво реши да одмори од репрезентацијата, само што тој „одмор“ не значеше баш и дремење во кревет. Норди Мукиеле, со кого се зближи за време на неговиот мандат во Пари Сен Жермен, предложи малку да се забавуваат во Стокхолм. Мукиеле, кој сега е позајмен во Баер од Леверкузен, веќе неколку пати ја искористил шведската престолнина за провод.
Сè беше организирано од поранешен модел, маж на околу 30 години по име Марко Д. Специјализиран е за ВИП гости и организирање приватни забави на кои ништо не смее да протече. Мбапе и Мукиле прво го посетија ресторанот „Ше Жоли“, а потоа завршија во ноќниот клуб „В“. Интимна забава за околу 30 луѓе, главно девојки со привлечен изглед.
Веднаш штом се објави веста, Мбапе посочи дека целиот случај е измама на катарските сопственици на Пари Сен Жермен, неговиот поранешен клуб, кои го тужеа затоа што не му беа исплатени 55.000.000 евра бонуси за лојалност по преселбата во Мадрид. И два дена подоцна, шпанските медиуми истакнуваат дека луѓето околу фудбалерот не се сомневаат во тоа.
ПСЖ кусо одговори со тврдење дека нема да се спушти на нивото на тие обвинувања, а ниту адвокатите на фудбалерот не сакаат јавно да се изјаснат иако се обидуваат да ги заматат водите.
– Кога ќе се појави ваква сериозна тужба, а медиумите истовремено објавуваат се, кога се работи за личност позната во целиот свет, сами по себе се наметнуваат прашања. Дали сето ова беше наместено? Не вадам заклучоци, не знам. Но, се прашувам за тајмингот и начинот на кој се беше направено. Некој знаел дека оди во Стокхолм, затоа папараците го фотографирале, а таблоидот веднаш ги објавил фотографиите. И како случајно, истиот весник ја објавува веста за поднесената жалба – се прашува адвокатката Мари Алис Кану Бернард.
И како ова да не беше доволно, сега се појави извесна „инфлуенсерка“ која тврди дека ова не му е прв пат на Мбапе од сличен вид, и дека таа самата била на неговата приватна забава во Торино во 2018 година.
Очигледно не чека нова сага, а во последно време за жал ваквите приказни се се почести во светот на фудбалот.