Фото: ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација попладнево го одржа официјалниот тренинг пред утрешниот дуел со Гибралтар.

Селекторот Благоја Милевски на официјалната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Гибралтар, заедно со Елиф Елмас ги споделија своите очекувања за мечот од второто коло од групата во Лига на нации.

-Фокусирани сме на мечот. Не смееме да калкулираме, туку да ги избереме најдобрите и да атакуваме на трите бода. Имаме одреден број на фудбалери со проблеми, но без разлика на тоа секогаш ќе излезат тие што се најподготвени во моментов. Пристапот ќе ни биде сериозен и нема место за калкулации и експерименти. Во денешниот фудбал нема место за потценување. Со самиот податок што Гибралтар е во Лига Ц потврдија дека напредуваат. Нема ни еден процент место за опуштање. Момците се свесни дека само со максимум може да се дојде до посакуван резултат. Секој натпревар е посебен, мора посебно да се подготвите. Нема два исти натпревари, а со самото тоа нема ни исти подготовки. Ние се однесуваме со почит кон сите во нашата група, фудбалерите се свесни дека треба да го дадат максимумот. Оваа Македонија без разлика против кој ривал игра е обврзана да игра максимално – изјави Милевски.

Слично размислува и Елиф Елмас.

-Доста време помина откако игравме во Гибралтар. Домаќинот играше затворено и ни создаде проблеми. Дојдовме да одиграме најдобро што знаеме и да освоиме три бода. Ни недостасуваше реализацијата во Бугарија, промашивме многу шанси. Сега ни следат три натпревари на кои реализацијата треба да биде перфектна. Ќе биде потешко да играме на вештачка трева, но без разлика на тоа ние мора да победиме – нагласи Елмас.

 

Стадионот Викторија е еден од поуникатните во Европа зашто е сместен веднаш до пистата на која полетуваат и слетуваат авионите во Гибралтар. Токму за време на тренингот полета авионот за Лондон, но и тоа не беше пречка нашиот национален тим да се подготвува за утрешниот предизвик.

Според редот на летање утре во текот на натпреварот нема да полета ниту да слета ниту еден авион.