Фото: Културен центар „Иван Михајлов“ / Фејсбук

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија, Теодора Генчовска на денешната работна средба, заеднички остро го осудија инцидентот во Битола, во кој беше запален влезот на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола. Чинот го осуди и бугарскиот претседател Румен Радев, бугарскиот премиер Кирил Петков, а Министерството за надворешни работи на Република Бугарија му врачи протестна нота на македонскиот в.д. амбасадор во Софија Владимир Крстевски.

Како што истакнаа Османи и Генчовска, двете министерства ќе продлжат да наоѓаат заемно прифатливи решенија и да ги унапредуваат билатерталните односи помеѓу двете земји.

-Разговорите протекоа во пријателска и конструктивна атмосфера во функција на продолжување на дијалогот меѓу двете министерства за надминување на отворените билатерални прашања согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и унапредување на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија – информира МНР по средбата.

Разговорите ќе продолжат и утре, а, како што истакнува МНР, дополнително ќе се интензивираат во периодот кој претстои „во насока на изнаоѓање заемни решенија за остварување на споделената цел за унапредување на европската иднина на Северна Македонија“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на вонреден состанок, заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова изрази загриженост до в.д. амбасадорот Крстевски и најостро го осуди чинот извршен од непознати лица, поради што е нанесена материјална штета на објектот.

Беше истакнато дека ваквите вандалски акти не само што се израз на национална омраза и нетолеранција кон активностите на невладините организации како важен дел од граѓанското општество, туку се и во сериозен судир со демократските вредности и принципи на современиот цивилизиран европско општество.

-Знак за демонстративното и неиспровоцирано криминално дело на сторителите на подметнувањето пожар е и тоа што пред само неколку недели на отворањето на осквернавената зграда на Центарот за култура присуствуваа официјални лица од Бугарија – се наведува во протестната нота.

Петков му се заблагодари на премиерот Димитар Ковачевски за брзиот одговор и нагласи дека очекува од македонските надлежни служби да ги бара и казни сторителите на овој, како што го нарече, вандалски чин.

-Најостро го осудувам палењето на Културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола кој е обид за провоцирање и дестабилизација на односите со нашите соседи – изјави Петков.

Според Петков, бугарската Влада ќе продолжи да работи на заштита на правата на бугарската заедница во Северна Македонија и на поддршката на нејзините активности.

Иднината на регионот, дополни Петков, не треба да биде заложник на обидите за дестабилизација на злонамерните маргинални групи.

Како „уште една провокација, варварски чин и дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија“, претседателот на Бугарија Румен Радев го квалификува палењето на влезот на културниот центар.

Радев порачува дека „институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор“, пренесува БГНЕС.

„Сакаме да веруваме“, нагласува Радев во ставот што го соопшти прес-службата на шефот на државата, „дека повиците што денеска ги слушаме од официјалните институции во Северна Македонија – решително да се бараат сторителите на овој варварски чин, ќе се реализираат на дело“.

-Палењето на културниот центар на Бугарите во Битола е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија. Толерирано повеќе или помалку од официјалните власти, со години наоѓаше израз во уривањето споменици, спомен-плочи, сквернавењето на воените гробишта поврзани со Бугарите и нашата заедничка историја. Преку навреда и искривување на историските вистинити текстови за Бугарија и Бугарите во учебници, книги, филмови, натписи во музеи и јавни места, таа ги труе и продолжува да ги труе умовите на многу генерации и да го попречува развојот на добрососедските односи меѓу двете земји – се наведува во ставот на Румен Радев.

Според Радев, „не случајно Бугарија ги поставува најважните услови за нашиот договор за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вклучување на граѓаните со бугарски идентитет во уставот на земјата како нација која ја гради државата и дава сигурни и неповратни гаранции за надминување на говорот на омраза. За жал, и денес владејачката партија и опозицијата во Република Северна Македонија не можат да постигнат парламентарно мнозинство за да ги исполни овие темелни критериуми на демократијата“.

– Истовремено, треба да забележиме дека досега не знаеме ниту еден сторител на многубројните слични криминални дејствија врз Бугарите во Република Северна Македонија. Денес, додека работиме напорно за да ги надминеме тешкотиите и нерешените прашања и да го следиме нашиот заеднички пат до обединета Европа, институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор, ниту да ги осакати и ограничува нашите билатерални односи – е ставот на Радев.