Екипата од Македонска Каменица во финалето го совлада тимот на Бадел 1862, со убедливи 81-64

КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“

Баскет КАМ е новиот освојувач на домашниот Куп во женска конкуренција, кој од оваа година го носи името на прославената македонска кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски-Буштур“. Во финалниот натпревар одигран во СРЦ „Кале“ во Скопје, тие убедливо го победија Бадел 1862, со 81-64. Од првата до последната минута клубот од Македонска Каменица само потврди дека важеше за главен фаворит на завршниот Куп, а тоа убедливо го потврди и по завршувањето на првото полувреме, кое го доби со 50-28. Дебитантот во големото финале, предводен од тренерот Александар Ашаданов, продолжи во ист стил и во вториот дел, за конечен триумф од 17 поени разлика.
Српската интернационалка и членка на победничкиот состав, Драгана Гобељиќ, го доби признанието за најкорисна кошаркарка на финалето на Купот. Во триумфот над Бадел 1862, таа помина на паркетот речиси 37 минути, остварувајќи ефект од 25 поени, девет скока и пет асистенции. Славеничкиот пехар на победничкиот состав им го предаде претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ.
Претходно, во полуфиналните дуели, Баскет КАМ го совлада Вардар со 95-59, а Бадел 1862 беше поуспешен од Крива Паланка со 77-56.