Селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, ќе го објави денеска скратениот список со 16 кошаркари за претстојните подготовки за првите два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2021 година.
Македонија прво се среќава со селекцијата на Естонија (дома), на 20 февруари, а потоа и со Русија (на гости), на 23 февруари. Досега составите ги објавија селекторите на Италија и на Естонија, а сѐ уште се чека и списокот на Русија, селекциите што се во групата Б во овие квалификации за Европското првенство, кое треба да се игра во четири земји, во Чешка, Италија, Грузија и во Германија.
Репрезентативците на Македонија, според планот, треба да се соберат утре, на заедничка вечера, а следниот ден од 12 часот е првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што ќе се одигра и дуелот со Естонија.
Прволигашот Гостивар ќе биде единствениот тест-ривал на избраниците на Тодоров во овој подготвителен период, а натпреварот е закажан за в сабота во СЦ „Борис Трајковски“ и ќе биде затворен за јавноста.
На Европското првенство в година од групата Б ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, како и Италија, која е еден од четирите домаќини на континенталниот шампионат.