Еден од предлозите за укинување на конференциските финалиња би значело дека двете најдобри екипи можат да се сретнат во финалето, па дури и да доаѓаат од иста конференција
Според плановите на челникот на кошаркарската НБА-лига, Адам Силвер, за две години (од јубилејната 75-та сезона, 2021/2022) во последниот дел од плејофот за титулата би се укинала поделбата по конференции и во доигрувањето би останале четири клуба, кои би биле подредени пред одредување на полуфиналните двојки според успехот во регуларниот дел од сезоната. Потоа, осум екипи би играле за последните четири места во доигрувањето по регуларниот дел од сезоната, а голем новитет би било и воведувањето на купот во првиот дел од сезоната. Ниту еден од 30 клуба не се спротивставил на ваквите идеи, јавува ЕСПН.
Сезоната на тој начин би се скратила од 82 на 78 натпревари, иако некои клубови би можеле да одиграат и три средби пред доигрувањето за титулата, во зависност од распоредот во купот и т.н. плејин, за влез во плејофот (разигрување пред доигрувањето за титулата).
Новиот турнир за дивизиските победници според куп-систем, по примерот на европскиот модел на натпреварување, би се играл кон крајот на ноември, би учествувале осум клуба, но сите би имале шанса да се квалификуваат низ обичните лигашки натпревари. Дотогаш сите противници од шесте дивизии би требало да одиграат меѓусебни средби (дома и на гости), по што би се направиле посебни табели за секоја дивизија, а победниците на шесте дивизии и двете најдобропласирани екипи би влегле на турнирот на кој би се играло по пат на елиминации. Сите овие мечеви наедно ќе бидат сметани и за табелите во регуларниот дел од сезоната.
Би имало и разигрување пред доигрувањето. По завршувањето на регуларниот дел од сезоната од 78 меча, шесте најдобри клуба од секоја конференција директно би влегле во плејофот. Седмата и осмата екипа би разигрувале за седмото место, а поразениот би играл со победникот од дуелот помеѓу 9-та и 10-та екипа за осмата позиција за плејофот. Потоа би се играл плејоф со клубови поделени според конференции, но потоа четирите конференциски финалисти би биле подредени според успехот во регуларниот дел од сезоната и така би се составиле двојките од полуфиналињата на НБА. Укинувањето на конференциските финалиња би значело дека двете најдобри екипи според успехот во регуларниот дел од сезоната можат да се сретнат во финалето, па дури и да доаѓаат од иста конференција.
Но сево ова, иако засега се само предлози за кои во НБА-лигата се дискутира со Здружението на играчи во НБП, разговорите, сепак, напредуваат и се чини дека треба само да се прецизираат деталите.