ЈАДРАНСКА ЛИГА 2
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во мошне драматичен и неизвесен меч ја остварија и петтата победа, во осмото коло на Јадранска лига 2, во дуелот одигран во Сараево со градскиот ривал Работнички со 84-82 (17-24, 21-13, 22-27, 21-21) и моментно се искачија на делба на второто место со 13 бода. Ова беше и прв дуел на двете екипи надвор од Македонија. Работнички со резултат 2-6 е на 13-то место со 10 бода.
МЗТ Скопје Аеродром во еден момент водеше со 63-50, а во завршницата пак, беше 80-79 за Работнички.
– Задоволен сум од играта на моите кошаркари во поголемиот дел од мечот, оти го контролиравме резултатот речиси 30 минути и ќе беше штета ако загубевме. Ова е прв наш меч по пауза од еден месец и затоа не беше лесно да водиш со 13 разлика, а потоа да се игра кога губиш, и затоа им честитам на играчите за покажаниот карактер – изјави тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.
Кај МЗТ Скопје Аеродром најефикасен со 19 поени беше Бојан Крстевски, по 14 поени забележаа Андрија Бојиќ и Дамјан Стојановски, а Дамиер Питс беше најефикасен кај Работнички со 20, Љубомир Младеновски реализира 17 поени.
МЗТ Скопје Аеродром во Сараево треба да игра уште со Ловќен в петок (од 12 часот) и со Младост Земун в недела (16 ч.), а Работнички со Сутјеска в петок (16 ч.) и со Широки в недела (12 ч.). Г.И.