Првиот меч, со по девет играчи во тим, е одигран на 21 декември во 1891 година, во гимназија во Спрингфилд (САД), а Џејмс Најсмит е човекот што ја измисли кошарката. Натпреварот завршил со резултат 1-0, со кошот на Вилијам Чејс, од удар од 7,6 метри
Најсилната кошаркарска лига во светот, НБА, ноќеска треба да ја почне јубилејната 75. сезона, речиси во исто време кога пред 129 години е одигран првиот кошаркарски натпревар, на 21 декември во 1891 година, во гимназија во Спрингфилд, во Масачусетс (САД).
– Ги повикав момците во салата, ги поделив на две екипи со по девет играчи и им дадов фудбалска топка. Им покажав две кошници за праски што ги заковав на секој крај од салата (на околу три метра над подот) и им реков дека главната идеја е да ја уфрлат топката во кошницата на противничката екипа. Свирнав и почна првиот кошаркарски натпревар – пренесува „Ројтерс“ изјава во едно радиоинтервју во 1939 година на канадскиот професор по физичко образование Џејмс Најсмит (1861-1939), човекот што ја измисли кошарката.
Првиот натпревар завршил со резултат 1-0, со кошот на Вилијам Чејс од удар од 7,6 метри. Новата игра брзо била прифатена, со 13-те првични правила на Најсмит, според кои, на пример, трчањето со топка во рацете не било дозволено, туку само можело таа да се додава во која било насока или да се упатува кон кошот со една или со две раце. Дриблингот и другото дошле со текот на времето.
Според информациите, првиот јавен кошаркарски натпревар се одиграл на 20 јануари 1892 година, до 1894 година кошарка веќе се играла во десетина држави, а денес играта под обрачите е планетарно популарен спорт.