Фото: ЕПА

Леброн Џејмс веќе е лидер според постигнати поени во НБА и сега е четирикратен олимписки медалист, но сезонава ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс ќе продолжи да се искачува на топ листите во многу категории

КОШАРКА – НБА

Леброн Џејмс влегува во својата 22. сезона во НБА-лигата, колку што одигра само уште новиот член на Куќа на славните во кошарката Винс Картер, но тоа не е единствената бројка што отскокнува кога се зборува за кариерата на Џејмс, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тој веќе е лидер според постигнати поени во НБА и сега е четирикратен олимписки медалист, но сезонава ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс ќе продолжи да се искачува на топ листите во многу категории.
До овој момент Џејмс просечно бележи по 27 поени и седум скока и асистенции по натпревар. Но тој никогаш немал просечна ноќ. Ниту еден од 1.492 натпревари на Џејмс во регуларната сезона (или некој од неговите 287 натпревари во плејофот) не завршил со точно 27 поени и седум скока и асистенции. Тој беше блиску, многу пати, 77 натпревари завршија со точно 27 поени, на 11 имаше 27 поени и седум скока, во шест 27 поени и седум асистенции, а на 11 меча по еден скок и асистенција помалку од просекот.

Откако го помина на врвот на листата на стрелците во февруари лани, сезонава влегува како шести според бројот на одиграни натпревари во регуларната сезона, со 1.492. Тој не може да го преземе првото место сезонава, откако Роберт Периш има 1.611 меча, но ако одигра 68 средби, би можел да го стигне Карим Абдул-Џабар (1.560) за број два на листата, а во тој случај Џејмс ќе ги помине и Винс Картер (1.541), Дирк Новицки (1.522) и Џон Стоктон (1.504), пишува АП. Вклучувајќи го плејофот, Џејмс може да стане лидер. Тој се појави на вкупно 1.779 натпревари, 16 помалку од Периш (1.795) и 18 од Абдул-Џабар (1.797). И според одиграните минути во регуларниот дел од сезоната, Џејмс е втор, со 56.597, 849 помалку од рекордот на Абдул-Џабар (57.446), пишува АП.
Џејмс може да се искачува и на други ранг-листи, па, така, во поени од поле сега е втор, точно 1.000 зад Абдул-Џабар (15.837 – 14.837) во редовната сезона, а заедно со плејофот Џејмс е број два со 17.765, 428 подалеку од рекордот на Абдул-Џабар. Во погодени слободни фрлања Џејмс е трет со 8.390 во регуларниот дел од сезоната, 141 помалку од второпласираниот Мозес Мелоун (8.531), а води Карл Мелоун со 9.787. Кај асистенциите Џејмс е четврти со 11.009 во редовната сезона. Крис Пол (Сан Антонио), кој уште игра, е трет со 11.894. Во погодени удари за три поени Џејмс е осми, со 2.410, 40 помалку од седмопласираниот Кајл Корвер, а во украдени топки е број 8, со 2.275 во редовната сезона, 32 помалку од Скоти Пипен (2.307) на седмото и 35 помалку од Морис Чикс (2.310) на шестото место…
Џејмс ќе наполни 40 години на 30 декември, па би можел да игра на 53 меча сезонава откако ќе го достигне тој роденден. Тој ќе стане 30-от играч што ќе се појави на натпревар во НБА откако ќе наполни 40 години. Од претходните 29, повеќе од 100 поени постигнаа 13 играчи откако ја достигнаа таа возраст и само четворица, Абдул-Џабар (1.941), Периш (1.706), Картер (1.433) и Џон Стоктон (1.088), постигнале најмалку 1.000 поени откако наполниле 40 години, пишува АП. Џејмс има најмногу поени во НБА како тинејџер (2.362, што е 603 повеќе од Коби Брајант), најмногу за играч во 20-тите години (21.539, повеќе за 53 од Вилт Чембрлен) и е трет по постигнати поени во 30-ите години, 16.573, а водат Карл Мелоун со 19.387 и Абдул-Џабар со 17.808. Н.М.


Трката по трофејот почнува в среда со дуелот Бостон – Њујорк

Новата сезона во кошаркарската НБА-лига, 79-та по ред, почнува в среда рано наутро (1.30 часот) со дуелот Бостон – Њујорк, а задутре (од четири часот) е и натпреварот Лос Анџелес лејкерс – Минесота. Потоа НБА продолжува со 10 меча в четврток, четири в петок, 11 в сабота… Актуелен првак е Бостон, кој во минатата сезона ја освои рекордната 18-та титула. И сезонава е предвиден НБА-купот, кој почна да се игра во минатата сезона.