На дуелите со Словачка, Македонија досега има три победи и еден пораз. Другите две селекции во групата ќе бидат познати по ждрепката идната недела, а можни противници се Австрија, Данска и Романија меѓу победниците на првиот циклус претквалификации, како и Кипар, Швајцарија и Норвешка од селекциите што не беа на првите места во своите групи

КОШАРКА – ЦИКЛУС ЗА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација одново ќе игра со Словачка во квалификации, овој пат за Европското првенство (ЕП) во 2025 година, објави Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Другите две селекции во квалификациската група ќе бидат познати идната недела, по ждрепката во Минхен, а можни противници се Австрија, Данска и Романија меѓу победниците на првиот циклус претквалификации, како и Кипар, Швајцарија и Норвешка од селекциите што не беа на првите места во своите групи.
Со ждрепката, 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи и ќе се натпреваруваат дома и на гости во август и во ноември годинава и во февруари в година. Победникот од секоја група ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, заедно со Кипар, кој автоматски се квалификува како кодомаќин на континенталниот шампионат (кодомаќини се и Летонија и Финска). Преостанатите осум репрезентации ќе имаат уште една шанса за влез во квалификациите за ЕП 2025, откако заедно со четирите селекции елиминирани во првата фаза од претквалификациите ќе играат во третиот циклус претквалификации, од каде што четирите најдобри ќе играат во квалификациите.
Македонија и Словачка третпат ќе се сретнат во циклус за пласман на големо натпреварување. Првпат играа во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2022 (две победи на Македонија, во ноември 2017 година на гости и во февруари 2018 година дома), а потоа и во вториот дел од квалификациите за Светското првенство во 2023 година (победа и пораз на двата меча играни во август лани во Скопје). Во двата случаја Македонија беше победник во групата, а трет противник во тие групи беше Швајцарија.
Од можните ривали, Македонија претходно играше со Австрија во дивизијата Б во 2005 година (две победи), со Романија во квалификациите за ЕП 1993, 1999 и 2022 (три победи и два пораза), со Норвешка во квалификациите за ЕП 1997 (една победа), со Данска во квалификациите за ЕП 2015 (две победи), со Кипар во квалификациите за ЕП 2003 (две победи), со Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2022 и за СП 2023 (две победи и два пораза)…


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

Група Д: Македонија, Словачка, победник и второпласиран од претквалификациите
Група Е: Хрватска, Полска, победник и второпласиран од претквалификациите
Група Ф: Португалија, Бугарија, победник и второпласиран од претквалификациите