Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првиот дуел во Тбилиси е в четврток од 16 часот, а в недела е реваншот во Скопје, во групата Г, во која се и Шпанија и Украина и од која по шест кола првите три селекции ќе играат во втората групна фаза од квалификациите за СП 2023

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската машка кошаркарска репрезентација, со само два заеднички тренинга во Скопје, денеска попладне ќе патува за Тбилиси, каде што в четврток (16 часот) треба да го одигра првиот дуел со Грузија во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, во Индонезија, Јапонија и во Филипини. Три дена подоцна во Скопје следува реваншот (од 20 часот).
Селекторот на македонската репрезентација Драган Бајиќ синоќа го имаше планирано првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, каде што и ќе го игра реваншот против Грузија. Вториот тренинг ќе биде денеска, од 10 часот, во истата сала, а во вечерните часови се заминува за Тбилиси.
Според информациите од Кошаркарската федерација на Грузија, на натпреварот в четврток ќе присуствуваат ограничен број гледачи, 33 отсто од капацитетот на салата во Тбилиси, и сите треба да носат заштитна маска против ковид-19.

По завршувањето на Купот на Македонија во машка и во женска конкуренција во неделата, сѐ уште не беше познат конечниот состав со кој ќе се патува на средбата со Грузија, па тој најверојатно ќе биде познат по одржаните тренинзи. Неофицијално, поради повреда нема да настапи Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ ќе биде подготвен за реваншот, можеби и Андреј Магдевски. На списокот на Бајиќ фигурираа 24 играчи, од кои шестмина се интернационалци.
Во квалификациите за Светското првенство во 2023 година, Македонија настапува во групата Г, во која по две кола Шпанија има четири бода, Грузија и Украина по три, а Македонија два бода. Во втората фаза нa квалификациите за Мундијалот в година ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.