Натпреварите во Скопје со сите ривали беа полни со динамика. Се случуваше, како на пример со Црвена звезда, да се играат дури четири продолженија. Во репрезентативните години најголема беше тагата за загубеното злато на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година

Стеван Гешоски (2)

Како што беше динамично првенството во Првата кошаркарска лига во поранешна Југославија, така со едно брзо и динамично темпо се одвиваше и кариерата на еден од најдобрите македонски кошаркари, Стеван Гешоски. Тој беше интересен и поради фактот што неговите родители Нада и Димитар беа етаблирани како врвни актери на театарската сцена, па на сите некако им беше чудно кога тој, наместо на театарската сцена, замина во кошаркарската арена. Но добро беше што не отиде по стапките на родителите, зашто прашање беше дали таму ќе беше толку успешен, како што стана во кошарката. Неговото име долги години се споменуваше не само во македонските и југословенските кошаркарски кругови туку и на меѓународната сцена. Тоа стана уште поприсутно во светот на спортот, особено кога заигра за сениорската репрезентација на поранешна Југославија, со која освои и два сребрени медала, на Универзијадата во Мексико и на Медитеранските игри (МИ) во Сплит во 1979 година.
– Очекувавме победа во Сплит. Кога игравме, салата на Грипе секогаш беше исполнета до последно место. Тоа беа незаборавни кошаркарски денови на МИ, во кои демонстриравме квалитетна кошарка и стигнавме до финалето. И тука, кога сите очекуваа наш триумф и освојување на златниот медал, налетавме на Грција од која загубивме. Тоа беше времето кога на сцена се појавија двајцата извонредни кошаркари Галис и Јанакис. Двајцата беа уиграни, а потпомогнати од другите соиграчи, како ураган носеа сѐ пред себе. Така нѐ „збришаа“ и нас, иако игравме пред своја публика и во почетокот бевме споменувани како најголеми фаворити за златниот медал на МИ во Сплит. Но желбата и прогнозата се едно, а реалноста друго. За наше големо разочарување, во завршната битка за златото бевме поразени од Грција, во која блескаше тандемот Галис – Јанакис. Не ни остана ништо друго, освен да жалиме за загубеното и спортски да им подадеме рака на двата аса, кои беспрекорно ја водеа својата репрезентација кон триумфот – вели Гешоски.
Инаку, во тој период селектор на репрезентацијата беше Петар Сканси, а во составот покрај Гешоски беа уште Накиќ, Кнего, Бобан Петровиќ, Хаџиќ, Радовановиќ…

Најдраматично со Ц. звезда и со Партизан

На клупски план, Стеван Гешоски ги имаше најзабележителните настапи во нашите два кошаркарски бренда Работнички и МЗТ Скопје, со кои неколку сезони настапуваше и во силната југословенска лига.
– Онаа вистинска жестина во југословенската лига ја почувствував уште во првите години од мојата кариера, кога под водството на Лечиќ заиграв за првиот тим на Работнички. Имаше многу натпревари на кои се сеќавам. Овој пат би одделил четири одиграни во Скопје против три противници, Партизан, кој секогаш ни беше посебна инспирација, потоа Црвена звезда и двапати со Раднички од Белград. Со „црно-белите“ одигравме еден незаборавен дуел во нашата сала, кој имаше две продолженија. Откако ја прокоцкавме шансата во регуларниот тек да дојдеме до победа, моравме да играме продолженија. Во првото се разгоре борбата, па често се менувавме во водство и по првото продолжение немаше победник. Во второто продолжение имавме максимална контрола врз играта и во финишот понесени од гледачите дојдовме до една од нашите најголеми победи. Така изгледаше мечот со Партизан, но една од средбите со Црвена звезда беше уште повозбудлива. Моравме да одиграме четири продолженија за да дојдеме до победата. Тоа беше вистински пекол, мислев оти салата во Градскиот парк ќе се распадне. За наша среќа, драматичниот крај го дочекавме со еден поен предност и ги освоивме бодовите. Тогаш кошаркарскиот аудиториум во поранешната држава не знам по кој пат се увери оти Работнички има квалитетни и борбени играчи што „гинат“ за својот клуб. И конечно да ги споменам двата дуела со белградски Раднички, за кој настапуваа репрезентативните играчи Јариќ, Мароевиќ и Ивковиќ. Погледнете само каква судбина имав на двата меча. На првиот, кој решаваше за тоа кој ќе остане во Првата лига, кога немав друг избор зашто времето брзо минуваше, буквално во последната секунда морав да шутирам. Промашив, загубивме и испаднавме од елитната лига. Можете да замислите колку бев разочаран по овој меч. Се чувствував како „главен“ виновник за поразот и испаѓањето од лигата. Следната година откако се вративме во друштвото на најдобрите, судбината сакаше повторно во последното коло ние и Раднички да решаваме кој ќе остане, а кој ќе испадне од Првата лига. Сценариото беше исто, но овој пат со среќен крај за нас. За разлика од претходниот дуел, кога јас бев „губитникот“, сега бев херојот зашто во последните секунди го постигнав победоносниот кош. Така, ние останавме, а белграѓаните се преселија во Втората лига – рече тој.
Мечевите на Работнички секогаш беа неизвесни и тешко можеше да се прогнозира крајниот исход. Можеби поради тоа скопјаните секогаш и насекаде, каде и да играа, беа привлечни за гледачите. Кога на ова ќе се додаде оти беа предводени од големиот кошаркарски маг Лазар Лечиќ, сѐ беше јасно. Се знаеше оти тука ќе се случуваат многу интересни нешта.

Убави моменти и во МЗТ

По овие возбудливи сезони се случија многу промени во тимот на „железничарите“. Боцевски, кој многу години беше столб на Работнички, одлучи да се повлече, што нормално многу се одрази на игрите во следниот период.
– Боцевски-Жмара беше една од главните алки. Со неговото повлекување се појави голема празнина во тимот. Тогаш и Лечиќ реши да ја смени средината и го презеде кормилото на љубљанска Олимпија. Добро е што останавме јас, Радосављевиќ и Георгиевски-Буштур, па така, новиот тренер Јанко Луковски имаше на кого да се потпре. Од младите својот пробив го најавија Саздовски и Давитков, но им требаше време за калење. Луковски во почетокот малку се „загуби“, мислам дека направи голема грешка што акцентот го ставаше исклучиво на помладите, а нас поискусните како да нѐ остави во втор план. Тоа не ги даде очекуваните резултати, па разочаран почувствував дека е време да ја сменам средината и со своето искуство да му помогнам на некој друг тим. Тоа и се случи, изборот падна на МЗТ, кој во 1982 година беше предводен од Дули Андоновски. Со Дули имав одлична соработка, а кога по една година него го замени Лечиќ, кој се врати од Љубљана, јас повторно почувствував како да ми се врати стариот елан – вели Гешоски.
Со доаѓањето на искусниот тренер, МЗТ ја најави својата кандидатури и за влегување во Првата југословенска лига. Но за да се оствари тоа, требаше да се има еден силен состав, всушност еден микс од млади и постари искусни играчи.
– Лазо како докажан мајстор на својот занает прво што направи беше да ги задржи Владичевски, Зивчевиќ, Медиќ, Антиќ, Кнежевиќ, Пецев и Дуковски, кои беа староседелци во тимот од Аеродром. Кога на нив се придодадовме јас, Радосављевиќ, Кираџиски, подоцна и Маринко Ковачевиќ, веќе беше јасно оти Лечиќ со своите кошаркари има единствена цел да влезе во Првата лига. Во првата сезона, со оглед на тоа што тимот уште се создаваше, не успеавме да влеземе во елитното друштво, но тоа беше само загревање за она што нѐ очекуваше подоцна. Така, веќе во следната сезона, кога Работнички веќе беше испаднат, ние влеговме во Првата лига. Бевме среќни зашто она што го посакувавме, а и спонзорот МЗТ што го очекуваше од нас, го остваривме. Не беше мала работа во тој период да се игра во елитната југословенска лига, која се сметаше за една од најсилните во Европа. Потоа, како награда за овој успех, кој ги разгали љубителите на кошарката во цела Македонија, а најмногу оние верни навивачи од скопски Аеродром, заминавме на турнеја во Кина. Така станавме прва спортска екипа од нашата држава што во 1986 година гостуваше во најмногубројната земја во светот – продолжи Гешо.
Нема сомнение оти Стеван Гешоски, со сите свои постигнувања на репрезентативен и на клупски план, има посебно место во македонската спортска историја. Меѓутоа подоцна, по мозочниот удар што го доживеа во 2015 година, тој како да беше заборавен. Институциите останаа глуви на апелот за помош, зашто иако даде многу за афирмацијата за македонската кошарка, тој остана без пензија и без помош од заедницата. Во почетокот, во моментите на закрепнувањето, кога беше отежнато и неговото движење, сепак, му помогнаа неговите спортски пријатели предводени од Перо Антиќ, кои му обезбедија извесни средства колку-толку да му го олеснат животот. Гешо и денес има здравствени проблеми, ретко излегува, а како што вели тој, болките ги чувствува 7/24. Зарем толку во оваа наша Македонија се нема чувство за оние што дале придонес за афирмација на државата и кога им е најпотребно нема никој да им помогне?! Ова е жално.