Вкупно 282.127 поени беа постигнати сезонава, соборувајќи ја претходната граница од 273.573 поставена во сезоната 2018/2019, а тоа го видоа повеќе од 22 милиони гледачи во спортските сали во САД и во Канада
КОШАРКА – ПО РЕГУЛАРНИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
Постигнувањето поени беше зголемено во кошаркарската НБА-лига сезонава, на ниво што не е забележано повеќе од половина век, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). НБА-тимовите во просек постигнувале 114,7 поени по натпревар. Тоа е деветта највисока бројка во 77-те сезони во лигата и најмногу откако тимовите имаа просек од 116,7 по натпревар во сезоната 1969/1970. Тоа претставува и скок од 3,7 отсто во однос на минатата сезона. Рекордни 282.127 поени беа постигнати сезонава, соборувајќи ја претходната граница од 273.573 поставена во сезоната 2018/2019.
СЛОБОДНИ ФРЛАЊА
НБА-лигата никогаш немала подобра сезона од линијата за слободни фрлања. Рекордот за прецизност во целата лига е соборен третпат во претходните четири сезони. Тимовите заедно шутираа со успешност од 78,2 проценти од линијата сезонава. Тоа ја надмина границата од 77,8 отсто од пред две сезони. И додека таа разлика не изгледа многу, таа е многу. НБА-тимовите можеа заедно да ги промашат своите први 200 слободни фрлања во неделата кога завршуваше регуларниот дел од сезоната и пак ќе беа во темпо да постават рекорд во сезоната.
Кога ќе направите нешто што никогаш претходно не било направено во историјата на Бостон селтикс, тоа е импресивно. Џејсон Тејтум имаше просек од 30,1 поени по натпревар сезонава, најмногу досега од еден играч на Бостон. Џон Хавличек и Ајзеа Томас имаа просек од 28,9 во нивните најдобри сезони во Бостон, а Лери Бирд имаше просек од 29,9 во 1987/1988, но Тејтум е првиот со просек од 30. Бирд технички имаше просек од 29,93 поени таа сезона, а уште два поена ќе му дадеа 29,95, што многумина би го заокружиле на 30. Тој имаше пет поени помалку таа сезона за просечните 30 поени по натпревар.
БРИЏИС ОДИГРА ЕДЕН МЕЧ ПОВЕЌЕ ОД КОЈ БИЛО КЛУБ
Микал Бриџис од Бруклин технички пропушти еден натпревар сезонава, но неговата последователна серија од одиграни натпревари, сега има 392 меча, продолжува, бидејќи тој немаше право да игра додека Нетс го завршуваше трансферот во размената со Феникс. Тој, сепак, играше на 83 натпревари во лигата сезонава. Необично е, бидејќи сезоната има 82 натпревара, но Нетс имаше повеќе натпревари да игра отколку Феникс кога се случи размената.
Бриџис е првиот играч што се појавил на 83 натпревари во една сезона по Џош Смит во сезоната 2014/2015 и е еден од 10-те играчи што не пропуштија натпревар сезонава, заедно со Тари Исон и Кенион Мартин Јуниор од Хјустон, Никола Вучевиќ и Патрик Вилијамс од Чикаго, Дерик Вајт од Бостон, соиграчите од Голден стејт Кевон Луни и Џордан Пул, Ајзеа Хартенштајн од Њујорк и Харисон Барнс од Сакраменто, кои играа во сите 82 меча за нивните клубови сезонава. Рекордот на НБА на сите времиња за мечеви во една сезона веројатно е еден од оние рекорди што никогаш нема да бидат соборени. Волт Белами играше на 88 средби во сезоната 1968/1969 (35 за Њујорк, 53 за Детроит).
ТРОЈКИ
Девет сезони по ред, од 2012/2013 до 2020/2021, НБА забележа рекорд поставен годишно за три поени по натпревар. Се чинеше дека ерата на раст на поени од зад линијата го достигна врвот. Втора година по ред, постигнатите тројки сезонава паднаа, иако малку. Лигата имаше просечни 24,7 тројки по натпревар сезонава, што е намалување од 24,9 по меч во минатата сезона и рекордните 25,4 по натпревар во сезоната 2020/2021.
НБА-лигата ја заврши регуларната сезона со 30.359 тројки, а рекордот од 30.598 е од минатата сезона. Но тимовите исто така имаа во просек околу три отсто помалку обиди за тројки сезонава отколку пред една година. Но, имаше повеќе шутери за три поени сезонава од кога било досега. Лигата заврши со 20 играчи со најмалку 200 тројки, најмногу досега, во споредба со 18-те што постигнаа најмалку 200 тројки во минатата сезона. Голден стејт имаше 1.363 тројки како тим, најмногу од која било екипа во една сезона во НБА. Претходниот рекорд беше 1.323 од Хјустон во сезоната 2018/2019. Четири од шесте најплодни сезони со три поени во НБА се случија сезонава, Голден стејт го собори рекордот за тим, Бостон (1.315) имаше осум помалку од рекордот на Хјустон во сезоната 2018/2019, Далас (1.246) го направи петтиот највисок резултат во една сезона и Милвоки (1.217) ја има шестата највисока бројка во една сезона.
ГЛЕДАЧИ
Редовниот дел од НБА-лигата во сезоната 2022/2023 привлече повеќе од 22 милиони гледачи во спортските сали во САД и во Канада, што е нов рекорд на посетеност за најдобрата кошаркарска лига во светот. Според официјалните податоци на НБА, регуларниот дел од сезоната што заврши во неделата го следеле точно 22.234.502 луѓе. Претходниот рекорд од 22.124.559 гледачи бил остварен од сезоната 2017/2018. Просечната посетеност првпат надминала 18.000 гледачи по натпревар (18.077), а пополнетоста на салите достигна неверојатни 97 отсто. НБА-лигата објави дека биле распродадени 791 натпревар, со што исто така е поставен нов рекорд (760 натпревари во сезоната 2018/2019). Мечевите во НБА сезонава продолжуваат со квалификациите (од вчера до петок) за влез во плејофот, кој, пак, почнува в сабота. Н.М.