Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имајќи предвид дека македонското МНР подолг период ја држеше настрана јавноста од преговорите со Бугарија, па ги држеше како класифицирана информација протоколот и содржината на францускиот предлог до последниот момент, македонската јавност со право си го поставува прашањето дали Бугарија индиректно добива столче во работното тело за уставните измени, така што претставникот на македонското МНР ќе биде на некој начин медијатор на Софија за тоа какви измени се прифатливи за бугарската страна, а какви не

Македонското МНР со нови ингеренции

Голем број контроверзии го следат работното тело за уставни измени што го формираше Министерството за правда, почнувајќи од неговата потреба воопшто да постои како тело што треба да расправа за измените на Уставот, имајќи предвид дека во Собранието постои комисија за уставни прашања што е надлежна во овој делокруг, па до самиот состав на тоа работно тело, во кое претставници номинираа политички партии и претседателот на државата, но и државни институции.
Во целиот овој галиматијас што се направи со уставните измени, симптоматично е назначувањето претставник во ова работно тело на македонското министерство за надворешни работи (МНР), чии ингеренции немаат никаква врска со внатрешните уставни прашања на државата.
Коинциденција или не, идејата МНР да назначи свој претставник во работното тело за уставни измени кореспондира со барањето на првиот човек на бугарското министерство за надворешни работи, техничкиот министер Николај Милков, кој неодамна побара и Бугарија да биде вклучена во процесот на подготовката на уставните измени.
Ваквиот потег од бугарска страна од претседателот на државата Стево Пендаровски беше оценет како скандалозен.
– Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите што ги окупираат. Во 21 век е непримерно да барате да се мешате во внатрешните политички и уставноправни процеси на која било држава – реагираше Пендаровски.
Иако бугарскиот технички министер Милков тврдеше дека се слушнал со македонскиот колега Османи околу ова прашање, македонскиот министер негираше дека дошло до такво барање од Софија.

Во реакција на барањето на бугарскиот министер, македонското министерство за надворешни работи порача дека процесот на уставни измени е внатрешно прашање на земјата и оти не постои ниту можност ниту, пак, политичка волја во него да бидат вклучени граѓани или институции од странство, вклучувајќи и од Република Бугарија.
Имајќи предвид дека македонското МНР подолг период ја држеше настрана јавноста од преговорите со Бугарија, па ги држеше како класифицирана информација протоколот и содржината на францускиот предлог до последниот момент, македонската јавност со право си го поставува прашањето дали Бугарија индиректно добива столче во работното тело за уставните измени, така што претставникот на македонското МНР ќе биде на некој начин медијатор на Софија за тоа какви измени се прифатливи за бугарската страна, а какви не.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека нема никаква потреба македонското МНР да биде дел од вакво работно тело и дека тоа што назначува свој човек отвора многу дилеми.
– Невообичаено е ваквото однесување на МНР. Министерството си зема ингеренции што не му припаѓаат. Тоа може да ги сервисира тие преговори или разговори, но сите решенија ги донесува Собранието. Ова е надвор од сите узуси и сè е во рамките на она што постојано го кажувам, дека се прескокнуваат релевантните институции при водењето на работите – вели Јањатов.
Според него, самото присуство на претставник на МНР е некакво влијание, односно притисок да се усвојат измените на начин од кој ќе биде задоволна Софија.
– Со самото тоа што има претставник на МНР во тоа работно тело, на некој начин тоа е притисок и влијание да се донесат такви измени на кои Бугарија нема да приговара, односно ќе бидат по нејзин модел. Под политички диктат работи и историската комисија, која исто така се жалеше на притисоци од луѓе од МНР, така што очекувам истото тоа да се случи и со ова работно тело – истакнува Јањатов.
Тој додава дека Бугарија веќе ги диктира процесите во Македонија, а тоа го демонстрираше така што отворено побара да биде дел од групата што ќе работи на уставните измени.
– Тие ја презедоа палката во свои раце и практично тие ќе ги водат работите и во тоа работно тело. Што и да се донесе, ако не е прифатливо за Бугарија, исто како да не е донесено. Затоа ќе седи таму некој од нашето МНР што ќе ги пренесува бугарските позиции. Ова е искривоколчување на дипломатската практика и практично кај нас веќе не се знае ниту кој пие ниту кој плаќа – констатира Јањатов.