Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА

Италијанската екипа Реџана од Реџо Емилија ќе биде противник на Пелистер во првиот елиминациски круг од квалификациската група 2 од Лигата на шампионите (ЛШ) во европската зона на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Вака реши ждрепката влечена во Лозана (Швајцарија), со која раководеше Дејан Лекиќ, некогашниот генерален секретар на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), а сега главен човек во натпреварувачкиот сектор на ЛШ, информираат од КФМ.
Победникот на овој дуел во полуфиналето на квалификациите ќе игра со подобриот од натпреварите помеѓу романска Орадеа и белгиски Антверпен. Другите квалификациски двојки во групата 2 се ПАОК (Грција) – Дерби (Црна Гора) и Бурса (Турција) – Брауншвајг (Германија). Натпреварувањето треба да почне на 23 септември. Победникот на групата 2 од квалификациите ќе настапи во групата Ц, во првата групна фаза на ЛШ, во која се екипите на Хувентуд (Шпанија), Хапоел Холон (Израел) и Шоле (Франција). Г.И.