Во четврт-финалето се игра по еден натпревар, а полуфиналето и финалето до две победи
КОШАРКА
Париз (Франција) – Жовентут (Шпанија), Клуж (Романија) – Лондон (Велика Британија), Бург (Франција) – Прометеј (Украина) и Хапоел Тел Авив (Израел) – Бешикташ (Турција) се двојките од четврт-финалето на кошаркарскиот Еврокуп. Шест од осумте тима сезонава играа во групата А.
Во четврт-финалето ќе се игра само еден натпревар, во вторник или в среда, победниците ќе се пласираат во полуфиналето, каде што, пак, ќе се игра до две победи, тие мечеви се на 26 и на 29 март, а евентуалната мајсторка е на 3 април.
Победникот на дуелот помеѓу Париз, за кој настапува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, и Жовентут, ќе игра во полуфиналето со победникот на средбата Клуж – Лондон.
Финалето на Еврокупот, исто така, се игра до две победи, а дуелите се предвидени за 9 и за 12 април, а евентуалниот трет, решавачки натпревар, е на 17 април.
Според правилата, победникот на Еврокупот треба да добие право во следната сезона да игра во најсилното европско клупско кошаркарско натпреварување, Евролигата. Н.М.