КОШАРКА
- Според КФМ, планирани се три натпревари, дуелот на македонските надежи (до 20 години) наречен „Sвезди во подем“, потоа женски и машки сениорски олстар-мечеви
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) информира дека на 21 декември повторно ќе организира олстар-натпревари, како дел од официјалниот календар, но и симбол на современа, отворена и атрактивна кошарка. Според КФМ, во таа насока се планирани три натпревари. Првиот е дуелот на македонските надежи (до 20 години) наречен „Sвезди во подем“, вториот е женски сениорски и третиот е машкиот сениорски олстар-меч.
Во двата сениорски натпревари ќе настапат селекциите на Македонија против селекциите на светот, составени од домашни и странски кошаркари, кои играат во најквалитетните сениорски лиги во Македонија.
Во рамките на олстар-програмата, во паузите (по истекот на четвртините) од натпреварите, ќе се одржат и традиционалните ревијални натпревари во забивање и шутирање за три поени, како составен дел од кошаркарскиот спектакл и дополнителна можност за промоција на вештината, креативноста и атрактивноста на играта. Во паузите меѓу натпреварите, пак, ќе се одржи и свечено доделување признанија и награди за најдобрите поединци и колективи во сезоната 2024/2025, како чин на почит и признание за квалитетот, трудот и професионализмот во македонската кошарка, пишува КФМ.
Со оваа манифестација, КФМ ја потврдува својата определба кошарката да биде повеќе од резултат, односно простор за промоција на талентот, ферплејот, инспирацијата и заедничката спортска радост. Г.И.
































