Македонските надежи во мечот за 11-то место загубија од Полска, со 68-71, додека европски првак стана Литванија, која во финалето ја совлада Шпанија, со 77-68

КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА А

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија го освои 12-то место на Европското првенство (ЕП) во Скопје за играчи до 16 години (дивизија А), каде што настапија 16 селекции и со тоа го обезбедија опстанокот во елитното друштво. Во натпреварот за 11-то место, црвено-жолтите минимално загубија од Полска, со 68-71, а ден претходно беа поразени и од Летонија, со 77-83. Избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ на ЕП во Скопје остварија биланс од две победи (Црна Гора и Данска) и пет порази (Грција, Шпанија, Турција, Летонија и Полска).
Нов европски првак стана селекцијата на Литванија, која во финалето ја совлада Шпанија (77-68), што претставува втора титула на европските кадетски првенства, по 2008 во Киети (Италија). За најдобар кошаркар на ЕП беше прогласен Шпанецот Марио Сент Супери. Бронзениот медал ѝ припадна на Франција, која беше подобра од Грција (65-46). Во полуфиналето ден претходно, пак, Шпанија ја победи Франција (78-64), а Литванија ја совлада Грција (77-61).
Во натпреварите за пласман играни последниот ден, петти е Израел, кој славеше над Италија (89-75), седма е Словенија со победата над Турција (67-46), деветта е Црна Гора, која ја надигра Летонија (64-54), единаесетта е Полска по победата над Македонија (71-68), Србија е 13-та со триумфот над Хрватска (70-63), додека 15-та, претпоследна, е Холандија по победата над Данска (70-55). Хрватска, Данска и Холандија се преселија во пониската дивизија Б. Г.И.