Мајкл Џордан и понатаму на врвот, со заработка од 3,3 милијарди долари

Неговиот најблизок конкурент, голферот Тајгер Вудс заостанува 800 милиони долари

НАЈПЛАТЕНИ СПОРТИСТИ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Мајкл Џордан, кошаркарската легенда на Чикаго булс, е спортска икона како ниедна друга. Неговото влијание врз НБА-лигата и кошаркарската култура воопшто е неизмерно. Не само што е легенда во кошарката туку неговото име е синоним и за неговиот истоимен бренд на патики, кој е најпознато име во оваа индустрија. Успехот на Џордан и во кошарката и во бизнисот го направи милијардер.
Специјализираниот сајт „Спортико“ (кој се занимава и со бизнис-страницата на спортот), ја објави најновата листа на 25-те најплатени спортисти на сите времиња приспособена на инфлацијата, а на неа води Џордан со значителна разлика. Тој заработил 3,3 милијарди долари, оставајќи го голферот Тајгер Вудс на втората позиција, со 2,5 милијарди долари, односно 800 милиони долари помалку, пренесува шпанска „Марка“.
Вредноста на Џордан, особено неговото име, е воодушевувачка. Тој заработил повеќе од 33 милиони долари само во сезоната 1997-1998, што беше повеќе отколку што заработуваат повеќето спортисти на ниво на суперѕвезда во целата своја спортска кариера.
Уште поимпресивни се неговите заработки со брендот „Џордан“ и „Најк“, кои се над 1,8 милијарда долари. Ако се стави на истата листа само неговата заработка од „Најк“, тој ќе се најде на третото место. Успехот на Џордан како спортист и претприемач го направи глобална икона. Неговото наследство не е само за неговиот талент на теренот туку и за неговата деловна острина, која му овозможи да изгради бренд што трае повеќе од неговите играчки денови.
– Промашив повеќе од 9.000 шута во мојата кариера. Изгубив речиси 300 натпревари, 26 пати ми се веруваше да го изведам ударот за победа и промашив. Повторно и повторно погрешив во мојот живот. И затоа успевам – рече самоуверено Џордан во една пригода.
Успехот на „летачкиот“ Џордан како спортист и бизнисмен постави стандард се стремат да го постигнат што многу спортисти. Како што вели еден писател, „секој спортист во светот сака да „биде како Мајкл“.
Неговото влијание врз светот на спортот и бизнисот е неспоредливо, а неговото име засекогаш ќе се поврзува со извонредност и успех. Г.И.


Топ 10 најплатени спортисти

Мајкл Џордан (кошарка) 3,3 милијарди долари, Тајгер Вудс (голф) 2,5, Арнолд Палмер (голф) 1,7, Џек Никлаус (голф) 1,63, Кристијано Роналдо (фудбал) 1,58, Леброн Џејмс (кошарка) 1,53, Лионел Меси (фудбал) 1,48, Флојд Мејведер (бокс) 1,41, Роџер Федерер (тенис) 1,38, Фил Микелсон (голф) 1,36.