КФМ ги прогласи најдобрите во 18 категории
КОШАРКА – ИЗБОР ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА КФМ ЗА 2022 ГОДИНА
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ги прогласи најдобрите македонски играчи, тренери, тимови, судии, млади надежи…, или вкупно во 18 категории за годината што полека изминува. Така, меѓу лауреатите се Војдан Стојановски, Александра Стојановска, Ненад Димитријевиќ, Александар Петровиќ, Александар Ашаданов, Емил Рајковиќ, МЗТ Скопје, Баскет кам, машката младинска репрезентација до 16 години итн. Во изборот својот глас го дадоа сите клубови во сениорските и во младинските лиги, членовите на Здружението на кошаркарските тренери, претставниците на Судиската комисија при КФМ, медиумите, како и навивачите.
– Знаев дека пред крајот на кариерата ќе се вратам да играм во Македонија. Многу ми е мило што бележиме успеси со МЗТ Скопје и што со репрезентацијата ја претставуваме Македонија. Се надевам дека ќе ги оствариме поставените цели и ќе продолжиме да ја презентираме македонската кошарка и надвор од нашите граници. Убаво е и уште еден македонски клуб да ни се придружи во АБА-лигата. Сметам дека во Македонија има кошаркарски таленти, дека има кошарка – рече капитенот на македонската репрезентација и член на шампионскиот тим на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски.
Во следната, 2023 година машката сениорска репрезентација на Македонија ќе ги продолжи претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. По четири кола, црвено-жолтите се на врвот во својата група, со осум бода, пред Норвешка (шест), Словачка (шест) и Данска (четири). Македонија на 23 февруари ќе игра со Словачка, а три дена подоцна со Норвешка, двете на гости. Во квалификациите ќе се пласира само првиот од групата. Женската сениорска репрезентација во квалификациите за ЕП 2023 треба да игра уште со БиХ на гости, на 26 февруари, и три дена подоцна дома со Белгија. Во групата водат Белгија и Германија, со по седум бода. КФМ во 2023 година ќе биде и организатор на две нови европски првенства за млади кошаркари, што е уште еден доказ за довербата што КФМ ја има кај бордот на европската кошарка. КФМ ќе ги организира ЕП до 20 години, дивизија Б (во јули) и ЕП до 16 години, дивизија А, двете во Скопје (во август). Г.И.
НАЈДОБРИ ЗА 2022 ГОДИНА
Кошаркар: Војдан Стојановски
Кошаркарка: Александра Стојановска
Млад кошаркар: Андреј Шошкиќ
Млада кошаркарка: Михаела Алексовска
Кошаркар во странство: Ненад Димитријевиќ
Кошаркар во 3х3: Христијан Ристов
Тренер на машка екипа: Александар Петровиќ
Тренер на женска екипа: Александар Ашаданов
Тренер на машка младинска екипа:
Александар Јованчев
Тренер на женска младинска екипа:
Мирослав Ивановски
Тренер во странство: Емил Рајковиќ
Кошаркарски судија: Александар Павлов
Машка сениорска екипа: МЗТ Скопје
Женска сениорска екипа: Баскет кам
Машка младинска екипа: Работнички
Женска младинска екипа: Крива Паланка
Екипа во 3х3: Кино Влае
Младинска репрезентација:
Машка, до 16 години