Станува збор за една од најквалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за ЕП, вели селекторот Јончевски, пред двата квалификациски дуела со Литванија, денеска во Скопје и в недела на гости, во квалификациите за пласман на ЕП 2025
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025
Ова се најважните два натпреварa во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме барем на еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит. Станува збор за една од најквалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за ЕП, вели селекторот на македонската сениорска кошаркарска репрезентација Александар Јончевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија, пред двата квалификациски дуела со Литванија, денеска и в недела, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година.
Македонија во февруари годинава загуби дома од Естонија со 69-74, а ја победи Полска на гости со 96-71 и моментално е на втората позиција, зад Естонија, со три бода. Македонија со Литванија игра денеска во Скопје, во СРЦ „Кале“ (од 18 часот), а гостува в недела. Литванците особено го паметат поразот на нивен терен во Вилнус на ЕП 2011.
– Во Скопје нема да играат Хап, Шортс и Димитријевиќ. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа. Притисокот е на страната на Литванците, бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од Естонија. Поради тоа, картите им се отворени и ќе одат со сите сили да победат на двата меча со нас, затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните европски првенства – рече Јончевски.
Црвено-жолтите ги завршија мини-подготовките, селекторот Јончевски стави 16 играчи на конечната листа за овие два меча, а, како и досега, условени од клупски обврски, не можеа да присуствуваат најдобрите.
– Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на ЕП, бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не. Ги имаме Нено и Шортс, кои играат во Евролигата, и кога би биле тие тука, тоа би било друга приказна. Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни, па ќе видиме што ќе се случи. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили – вели репрезентативецот Кристијан Николов.
Новиот селектор на Литванците, Римас Куртинаитис, го одбра првиот тим за мечот во Скопје. На листата има 12 играчи, во кој осуммина се интернационалци. Г.И.
ГРУПА Х
Македонија – Литванија 18 ч.
Полска – Естонија 18 ч.
ТАБЕЛА
Естонија 2 2 0 139-128 4
Македонија 2 1 1 165-145 3
Литванија 2 1 1 142-129 3
Полска 2 0 2 135-179 2