ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ НБА

Откако ги избра најдобрите 75 играчи во историјата на лигата воопшто, НБА ги избра и 10-те најдобри европски кошаркари, поделени во две петорки, кои, пак, играле и оставиле неизбришлива трага во најсилната лига на светот.
Во првата петорка се двократниот МВП на НБА, Гркот Јанис Адетокунпо, трикратниот олстар-играч, Словенецот Лука Дончиќ, двократниот НБА-шампион, Шпанецот Пау Гасол, НБА-шампионот од 2011 година, Германецот Дирк Новицки, и четирикратниот првак во НБА-лигата, Французинот Тони Паркер. Најмногу гласови доби Новицки, кој моментно е шести најдобар стрелец во НБА-лигата на сите времиња.
Во втората петорка се најдоа: Хрватите Тони Кукоч и Дражен Петровиќ, Србите Никола Јокиќ и Предраг Стојаковиќ и Литванецот Арвидас Сабонис.
Најдобрите петорки ги избраа навивачите од Европа, како и повеќе од 40 претставници на европски медиуми, радиодифузери, влијателни и познати личности. Гласовите на навивачите сочинуваа 50 отсто од конечниот резултат.
Во претходните гласања, тимот на Чикаго од 1995 до 1998 година беше прогласен за најдобра НБА-династија, дресот на Торонто од сезоната 1998/99 ја освои наградата за најдобар дрес на сите времиња, а за најдобар европски НБА-момент беше прогласена лидерската игра на Новицки, кој во 2011 година го предводеше Далас до златниот прстен, по победата во финалето над Мајами.