Заокруживме циклус со победа што многу значи на почетокот на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни, вели македонскиот селектор Илиевски
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Им честитам на играчите, бидејќи денеска покажаа дека можат да одиграат натпревар во кој ќе си го знаат точното место во тимот и како ќе функционираат во него. Кажав дека контранападите ќе бидат наше најсилно оружје, го анулиравме и проблемот со скокови и напредуваме во однос на времето што го имавме заедно. Ништо не може прекуноќ, за сѐ треба време, рече Марјан Илиевски, селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, по победата над Унгарија со 82-75 во претквалификациите за пласман во квалификациите за учество на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар.
Тоа беше четврти и последен натпревар во групата Б за Македонија во овие претквалификации, кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје, а црвено-жолтите не обезбедија пласман во главните квалификации за планетарното првенство во 2027 година. Најефикасен кај Македонија на натпреварот со Унгарија беше Џејкоб Вајли со 23 поени, а го следеа Виктор Ташовски и Андреј Митревски со по 14 поени.
Првото место во групата Б го освои репрезентацијата на Романија со седум освоени бода, второто селекцијата на Унгарија со шест, а подмладената репрезентација на Македонија е трета со пет бода. Романија и Унгарија се пласираа во квалификациите за Мундијалот во 2027 година. Романија ќе игра во групата Б, со Грција, Црна Гора и со Португалија, а Унгарија во групата Г, во која се и Франција, Белгија и Финска.
– Играчите и стручниот штаб работеа максимално.
Верувавме едни во други и се надевам така ќе биде и во иднина. Не ја сфаќам еуфорично победата, таа е плод исклучиво на хемијата што ја имаме во репрезентацијата. Заокруживме циклус со победа што многу значи на почетокот на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни. Изненаден сум од пристапот на играчите од првиот до последниот ден. Кој колку придонел на паркетот не е важно, бидејќи атмосферата беше на високо ниво и никој не се штедеше. Нормално е да имаме детски болести, но тие се решливи и не би сакал да кажам дека тоа може да биде проблем во иднина. Им благодарам на сите што им даваат поддршка на репрезентацијата и на стручен штаб. Ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот. Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи, бидејќи ни претстојат други претквалификации, а играчите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствена насока за помош на националниот тим во иднина – вели Илиевски. Г.И.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Група А: Данска, Грузија, Украина, Шпанија
Група Б: Грција, Ц. Гора, Португалија, Романија
Група Ц: Србија, Турција, БиХ, Швајцарија
Група Д: В. Британија, Италија, Исланд, Литванија
Група Е: Хрватска, Германија, Израел, Кипар
Група Ф: Летонија, Полска, Австрија, Холандија
Група Г: Унгарија, Франција, Белгија, Финска
Група Х: Словенија, Чешка, Шведска, Естонија
Следуваат претквалификациите за пласман на ЕП 2029
Од ноември годинава македонската кошаркарска репрезентација ја чекаат нови обврски и предизвици, поточно ќе биде дел од првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Според официјалната интернет-страница на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), би биле формирани три групи (со по три, односно четири репрезентации), кои ќе играат според системот дома-гости. Победниците на овие три групи, заедно со најдобрата второпласирана, би преминале во втората фаза на претквалификациите за ЕП 2029. Почетокот е предвиден за ноември годинава, а потоа следуваат натпревари во февруари, март и во јули 2026 година.
Познати се сите 32 репрезентации што ќе играат во квалификациите за СП 2027
По одигрувањето на втората фаза од претквалификациите, познати се 32 кошаркарски селекции што ќе играат во главните квалификации за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар. Осумте репрезентации што ги освоија првите две места во претквалификаациите се пласираа во кваалификациите за СП, и тоа победниците на групите Украина, Романија, Холандија и Хрватска, како и второпласираните Швајцарија, Унгарија, Австрија и Данска. Тие им се придружија на оние 24 репрезентации што веќе се дел од ЕП 2025 и ќе играат за пласман на СП 2027.