КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите, целата јавност да дојде да ни даде поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидеме дел од ЕП во 2029 година, вели репрезентативецот Андреј Јакимовски
Чувството е одлично. Задоволство е и гордост да се претставува Македонија. Не настапив на последните мечеви поради повреда и убаво е што пак сме заедно. Oдиме на победа, без разлика кој е на другата страна. Имавме три дена подготовки, но за сите е исто. Имаме неколку повратници во репрезентацијата, сме играле и со Вајли заедно, така што нема да имаме проблеми да се уиграме, вели репрезентативното крило Стојан Ѓуроски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) пред денешниот прв натпревар на македонската кошаркарска репрезентација со Азербејџан (19 часот, пренос на МТВ), во СЦ „Кале“ во Скопје (влезот е слободен), во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година.
Во второто коло в недела црвено-жолтите ќе ѝ гостуваат на Република Ирска во Даблин. Во групата А е уште и селекцијата на Луксембург. Победникот на секоја од четирите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат настап во квалификациите на ЕП 2029.
– Задоволство ми е повторно да бидам со репрезентацијата. По одреден период конечно сум тука и сакам да помогнам, да почнеме од некаде. Ни следуваат два важни меча во претквалификациите. Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите, целата јавност да дојде да ни даде поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидеме дел од ЕП во 2029 година. Поради оправдани причини во изминатите години не можев да бидам тука, но сега сум во Европа и подготвен да им помогнам на репрезентацијата и на селекторот – рече репрезентативецот Андреј Јакимовски, пренесе КФМ.
Македонија досега настапи на пет европски првенства, а најдобриот пласман го оствари во 2011 година во Литванија, на четвртата позиција. Од ривалите во групата А, Луксембург настапил трипати (во 1946 година бил осми, во 1951 се пласирал на 17. место и во 1955 година на 15-та позиција), а Азербејџан и Република Ирска не биле дел од европските првенства. Г.И.
ГРУПА А
Македонија – Азербејџан 19 ч.
Луксембург – Р. Ирска 19.30 ч.

































