Фото: ЕПА

Легендата на НБА-лигата, Чембрлен, уфрли 35 коша без промашување во 1967 година, а Гафорд сега има 33

КОШАРКА – НБА

Кошаркарот на Далас, центарот Даниел Гафорд, изби на второто место на листата со постигнати поени во низа од поле, во кошаркарската НБА-лига.
Легендата на НБА, Вилт Чембрлен, ги држеше рекордите на првото (35) и на второто (32) место за најмногу последователни погодоци од поле. Тој уфрли 35 коша без промашување во 1967 година, но, сега кошаркарот на Далас, Гафорд, по победата на дуелот со Голден стејт (109-99) изби на второто место со вкупно 33 коша постигнати на петте претходни натпревари и сега му недостигаат уште само два погодени удара од поле за да го израмни рекордот на Чембрлен, а три за да го надмине.
– Ако го направам тоа, тоа е добро. Се разбира, ќе го прославам, но на крајот на денот сакам само да излезам и да победувам во натпреварите – рече Гафорд, пренесе порталот „Далас маверикс“.
Гафорд последен пат промаши на 3 март против Филаделфија, а потоа беше прецизен во сите седум обиди на дуелот со Индијана, пет пати на натпреварот со Мајами, седум на средбата со Детроит, девет на дуелот со Чикаго и сега уште пет пати на мечот со Голден стејт. Рекордот може да го урне веќе на следниот дуел, со Оклахома. Г.И.