Фото: „Нова Македонија“

Сериозни се количествата што ги увезуваме. Македонија годишно увезува повеќе од 100 илјади тони пченица и дополнително 40-50 илјади тони брашно. Ако се знае дека потребите се над 300 илјади тони, значи дека половината од она што е потребно за задоволување на пазарот се увезува

Упорно продолжува тенденцијата за намалување на домашното производство на пченица

Иако пченицата е нашиот стратегиски производ и нашата земја се декларира за земјоделска, сепак македонското производство на пченица едвај преживува, се намалува од година на година, па принудени сме да увезуваме за да ги задоволиме основните потреби на населението на годишно ниво. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека веќе со години производството е околу 250.000 тони, а годишните потреби во Македонија налагаат околу 330.000 тони. Производството се намалува и остатокот на пченица и на брашно се дополнува преку увоз.

Македонија има капацитет да се самопрехрани, а и многу повеќе

Според статистичките податоци, во 2000 година се произвеле 300.000 тони, а во 2022 година – 224.632 тони. Најголемиот подем бил во 2004 година со 356.825 тони, додека, пак, во 2017 година има најголем пад во производството – 200.112 тони, при што разликата е 44 отсто.
Кои се причините што никако не можеме да се вратиме на нивото од пред 10-15 години, да имаме производство над 300.000 тони, кои чекори треба да ги преземеме, дали Македонија има капацитет да се самопрехрани и што е потребно за солидни приноси се дел од темите за кои разговаравме со земјоделски експерти.
Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, производството на пченица го следи трендот на намалување на производството во најголемиот дел на потсекторите. И кај пченицата намалувањето е резултат на намалените површина на кои таа е застапена.
– Ако во 90-тите години на минатиот век под пченица сме засејувале над 100 илјади хектари, во последните години под пченица се засејуваат околу 70 илјади хектари. Ваквата состојба, проследена и со релативно ниските приноси по еден хектар, доведува до тоа да произведуваме недоволно пченица за потребите на домашната потрошувачка. Затоа се сериозни количествата што ги увезуваме. Ние годишно увезуваме повеќе од 100 илјади тони пченица и дополнително 40-50 илјади тони брашно. Ако се знае дека потребите се над 300 илјади тони, значи дека половината од она што е потребно за задоволување на пазарот се увезува – нагласува Димитриевски.
Околу можностите да се произведат домашни количества на овој основен производ за исхрана на населението, професорот истакнува дека веројатно на краток и среден рок не може да се очекува производство што ќе ги задоволи нашите потреби.
– Ако се знае дека и во годините кога сме ги произведувале потребните количества (повеќе од 300 илјади тони), сепак не сме обезбедувале доволни количества пченица на пазарот, од причини што дел од производителите ја користеле за сопствени потреби и за потребите за исхрана на добитокот, што условувало и во тоа време да се увезува, ние и натаму ќе ја увезуваме. Затоа мојот став е дека, секако, треба да работиме на зголемување на производството на пченицата, како со подобрување на технологијата и подобрата продуктивност така и со стимулирање на производството во погодните региони за нејзино производство, но дека задоволувањето на вкупните потреби ќе продолжи да биде од увоз – објаснува Димитриевски.
Тој додава дека затоа е значајно да биде обезбеден слободен пазар, на кој, за жал, во услови на криза прва на удар е пченицата за која, како што видовме и на почетокот на руско-украинскиот конфликт, дел од државите носеа рестриктивни мерки токму за овој производ.

Љупче Станковски: Сакаме ли да станеме држава што е лесен плен и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната

– Секоја држава што има добри услови за развој на земјоделството мора да има своја стратегија за развој на овој сектор, наместо тој етапно да се уништува како во земјава. Имаме неискористени природни ресурси, а големи количества се увезуваат. Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Тој посочува дека државата треба да ја изработи стратегијата со која ќе се штити домашното производство, не само на пченицата туку на која било земјоделска култура, појаснувајќи дека таа треба да го стимулира производството, кое ќе обезбеди доволно за домашните потреби, не и за извоз, туку само за покривање на домашните потреби од земјоделски продукти.
– Покривањето на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали, кои можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – смета Станковски, додавајќи дека климатските промени сѐ почесто ќе се манифестираат и поради што мора да се креираат мерките за заштита.
Според земјоделците, климатските промени си го земаат данокот и се одразуваат и врз земјоделското производство, конкретно и врз производството на пченица.