Некогашниот врвен фудбалски талент, кој не зеде кошаркарска топка додека не стана тинејџер, е најкорисниот кошаркар (МВП) сезонава во НБА. Ова е петта година по ред како интернационален играч е МВП, а вторпат меѓународни играчи ги освојуваат првите три места. Ембид е вториот победник од Африка, придружувајќи му се на Олаџувон од Нигерија, кој победи додека играше за Хјустон во 1994 година
КОШАРКА – НБА
Џоел Ембид (29) го почна долгиот пат кон наградата за најкорисен кошаркар (МВП) во НБА-лигата како врвен фудбалски талент во Африка, кој не зеде кошаркарска топка додека не стана тинејџер, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Откако го промени спортот, Ембид стана генерациски талент и брзо стана заштитно лице на напорите за обнова на Филаделфија 76. Олстар-центарот и двократен најдобар стрелец во лигата, Ембид, кој долго време беше конкурент за наградата, го освои својот прв НБА-трофеј, тој за МВП, во вторникот. Кошаркарот од Јаунде (Камерун) во просек постигна 33,1 поени, со што ја освои својата втора кошгетерска титула по ред, има просек од 10,2 скока и рекордни во кариерата 4,2 асистенции по меч. Никола Јокиќ од Денвер е втор во гласањето за МВП, а Јанис Адетокунбо од Милвоки е трет.
– Помина долго време. Многу напорна работа. Поминав низ многу. Не зборувам само за кошарката. Зборувам за мојот живот, мојата приказна. Од каде доаѓам, како дојдов тука и што ми требаше за да бидам тука – рече Ембид, пренесе АП.
Ембид со години беше решен да го освои МВП-трофејот. Третиот избор на драфтот во 2014 година ги пропушти своите први две целосни сезони поради повреди пред да стане еден од најдобрите центри на неговата генерација. Тој беше најдобар сезонава, кога имаше три меча со барем 50 поени, вклучувајќи ги и рекордните 59 во кариерата против Јута во ноември. Тој имаше вкупно 13 средби со 40 поени. Кога Ембид забележа 52 поена и 13 скока во победата над Бостон во април, тренерот Док Риверс изјави: „Трката за МВП е завршена“.
Ембид е првиот од Филаделфија што ја освоил наградата за МВП по Ален Ајверсон во 2001 година. Џулиус Ервинг во 1981 година, Мозес Мелоун во 1983-та и Вилт Чембрлен од 1966 до 1968 година се другите играчи од тој клуб што ги освоиле наградите за МВП на НБА.
Ембид, кој заврши средно училиште во Флорида и одигра една сезона на колеџ во Канзас, беше доминантна сила во НБА во претходните седум сезони. Тој одигра 134 меча во регуларната сезона во претходните две сезони и со просек од 30,6 поени лани стана првиот интернационалец што некогаш освоил титула за најдобар стрелец во НБА. Шесткратниот олстар-играч беше второпласиран во претходните две сезони во трката за МВП, зад Јокиќ. Адетокунбо победи во 2019 и 2020 година, а Јокиќ во 2021 и 2022 година. Ова е петта година по ред како интернационален играч е МВП, продолжувајќи ја најдолгата серија во историјата на НБА. Тоа е исто така вторпат во низа меѓународните играчи да ги освојат првите три места во гласањето за таа награда. Ембид е вториот победник од Африка, придружувајќи му се на Хаким Олаџувон од Нигерија, кој победи додека играше за Хјустон во 1994 година.
Ембид не зеде кошаркарска топка додека не стана тинејџер, кога еден пријател му рекол дека многу малку со височина од 210 см успеваат во фудбалот, пишува АП. Неколку месеци подоцна, Ембид беше во кошаркарски камп во главниот град Јаунде, управуван од ветеранот на НБА, Лук Мба а Мутеи, еден од само двајцата играчи од Камерун што играле во НБА. Тој ги убедил родителите на Ембид да му дозволат да се пресели на Флорида и му помогнал да се запише на академијата Монверде, една од најдобрите средношколски програми во земјата. Ембид одигра само 28 меча во својата една сезона во Канзас пред да замине во НБА.
– Апсолутно сум одушевен што Џоел ја освои наградата МВП. Тој го заслужува секое признание што ќе му се најде на патот. Тој отелотворува сѐ што претставува чест. Неговиот стремеж да се подобри е неспоредлив и, според изреката „сонот не станува реалност преку магија, потребно е напорна работа“, тој се труди – рече Риверс. Н.М.