КОШАРКА – СП ЗА ЖЕНИ ВО АВСТРАЛИЈА

Во финалниот дуел тие ја совладаа Кина со 83-61, а бронзениот медал ѝ припадна на Австралија

Женската кошаркарска репрезентација на САД е новиот стар светски првак, по 11-ти пат во нејзината репрезентативна историја, или вкупно 14-ти медал (има и едно сребро и две бронзи). Во финалниот натпревар на Светското првенство, кое се одржа во Сиднеј, во конкуренција на 12 селекции, ја совладаа Кина, со 83-61 (18-13, 25-20, 25-14, 15-14), додека бронзата му припадна на домаќинот Австралија, кој со 95-65 ја победи Канада. За Кина ова беше второ сребро, а има и една бронза. Австралијките ја освоија четвртата бронза, а имаат и по едно злато и сребро.

За САД, пак, кои и пред ова СП (кое по вторпат се одржа во Австралија, по 1994-та, кога победи Бразил) важеа за најголеми фаворити, ова беше четврта светска круна во низа, а забележаа осум победи без пораз. САД беа подобри од Белгија (87-72), Порторико (106-42), Кина (98-51), Јужна Кореја (145-69), БиХ (121-59), во четврт-финалето од Србија (88-55) и во полуфиналето од Канада (83-43).

Американките на ова СП поставија и нов рекорд на мундијалите. Во четвртиот меч ја победија Јужна Кореја, со 76 поени разлика, притоа постигнувајќи највисока победа во историјата на мундијалите по бројот на постигнати кошеви на еден натпревар (145). Досегашниот рекорд беше во сопственост на Бразил, а траеше 32 години. На СП во Малезија, во 1990 година, Бразил ја победи Малезија со 143-50, односно славеше дури со 93 коша разлика. САД победија и на претходното СП во Шпанија, во 2018 година, славејќи во финалето против Австралија (73-56), додека бронзата ѝ припадна на Шпанија, која ја победи Белгија (67-60).

Конечен пласман на СП 2022: САД, Кина, Австралија, Канада, Белгија, Србија, Франција, Порторико, Јапонија, Јужна Кореја, Мали, БиХ. Г.И.