КОШАРКА – НБА

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ (24) одигра уште еден одличен натпревар во НБА-лигата, во новата победата на Далас, со 131-120 на гости против Портланд. Но она што остави посебен впечаток е фактот, покрај тоа што мечот го заврши со т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) со 40 поени, 12 скока и 10 асистенции, тој со него надмина две големи легенди, Американецот Вилт Чембрлен и Германецот Дирк Новицки.
Дончиќ го надмина Чембрлен според бројот на трипл-дабл постигнувања со најмалку 40 поени. Ова е осми ваков дуел за Дончиќ, така што сега пред него се уште Оскар Робертсон (22), Џејмс Харден (16) и Расел Вестбрук (13). Словенечкиот кошаркар го надмина Новицки според натпревари во Далас со најмалку 35 поени и сега има вкупно 79, еден повеќе од Новицки.
Тоа беше и 10-ти меч во низа со 30 поени за Дончиќ, соборувајќи го сопствениот рекорд. Дончиќ оствари неколку рекорди во претходните неколку натпревари, како на пример, станувајќи најмладиот играч во историјата на НБА што постигнал 1.000 тројки.
Колото го обележија и 23-от пораз во низа на Детроит, кој загуби со 114-146 на гости од Милвоки, и поразот дома на Шарлот од дури 53 поени разлика (82-135) од Филаделфија. Во Западната конференција моментално во водство е Минесота со 19 победи и пет порази, а во Источната води Бостон со ист ефект. Г.И.