Селекциите на Турција (група А) и Германија (група Б) со максимални пет победи завршија на првите позиции во групната фаза
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ
Литванија – Летонија, Турција – Шведска, Германија – Португалија и Србија – Финска се првите осминафинални двојки по завршувањето на првата фаза во групите А и Б на 42. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, кое се одржува во Финска, Полска, Летонија и Кипар, а натпреварите ќе ги играат во сабота. Другите осминафинални двојки требаше да бидат познати по вчерашните дуели во групите Ц и Д.
Турција оствари значајна победа над Србија со 95-90, со што го обезбеди челното место во групата А и во осминафиналето ќе игра со Шведска, додека Србија против поквалитетната и незгодна Финска. Американецот Шејн Ларкин, со двете слободни фрлања во финишот ја завери победата, а Никола Јокиќ не успеа да возврати во последниот напад за три поени. Најдобар играч кај Турците беше Алперен Шенгјун со 28 коша, додека Ларкин постигна 23 поени. Кај Србија доминираше Јокиќ со 22 поени. Летонија оствари убедлива победа пред своите навивачи против Чешка со 109-75. Најефикасни кај домаќините беа браќата Дејвис и Даирис Бертанс, кои уфрлија по 20 коша, а кај Чешка, Мартин Петерка, Ондреј Сехнал и Вит Крејчи, сите со по 11 поени. Португалија отиде во нокаут-фазата откако во директен дуел ја совладаа Естонија со 68-65, благодарејќи на Рафаел Лисбоа, кој даде седум коша во завршницата. Кај Естонците доминираше Артур Коночук, кој беше најефикасен со 20 поени.
Во групата Б, Германците завршија први со максимални пет победи. Во петтото коло од групната фаза на гостински терен ја надиграа Финска со 91-61. Најефикасен на мечот беше Франц Вагнер со 23 и Денис Шредер со 16 коша. Кај Финците предничеа Оливие Нкамхуа со 16 и Лаури Марканен со 11 поени. Литванија во Тампере ја победи Шведска со 74-71. Сепак Швеѓаните, по неочекуваниот пораз на Црна Гора од Велика Британија, како четвртопласирани во групата А се пласираа меѓу најдобрите 16 селекции со само една победа, оти имаат најдобар ефект во меѓусебните дуели со Црна Гора и Велика Британија. Кај Литванија најефикасен беше Јонас Валанчиунас, а Пеле Ларсон кај Шведска и двајцата со по 18 коша. Црна Гора е елиминирана од ЕП уште по првата фаза, откако неочекувано загуби со 83-89 од Велика Британија, која до овој меч не знаеше за победа. Никола Вучевиќ со 31 поен беше најефикасен кај поразените, а кај Велика Британија Мајлс Хесон со 25 поени.
Вчера се играа натпреварите од последното петто коло и во групите Ц и Д, по што ќе беа познати и другите осминафинални двојки. Во групата Ц играа, БиХ – Грузија, Италија – Кипар и Шпанија – Грција, додека во групата Д, Франција – Исланд, Израел – Словенија и Полска – Белгија. Г.И.
Група А
Резултати, 5. коло
Естонија – Португалија 65-68
Чешка – Летонија 75-109
Турција – Србија 95-90
ТАБЕЛА
Турција 5 5 0 10
Србија 5 4 1 9
Летонија 5 3 2 8
Португалија 5 2 3 7
Естонија 5 1 4 6
Чешка 5 0 5 5
Група Б
Резултати, 5. коло
Ц. Гора – В. Британија 83-89
Литванија – Шведска 74-71
Финска – Германија 61-91
ТАБЕЛА
Германија 5 5 0 10
Литванија 5 4 1 9
Финска 5 3 2 8
Шведска 5 1 4 6
Ц. Гора 5 1 4 6
В. Британија 5 1 4 6
Осминафинални двојки, сабота
Литванија – Летонија 11 ч.
Турција – Шведска 14.15
Германија – Португалија 17.30
Србија – Финска 20.45
Осминафинални двојки, недела
Ц1 – Д4
Д2 – Ц3
Ц2 – д3
Д1 – Ц4