Далас славеше над Минесота со 4-1 во победи и е прв на Западот, а во финалето ќе игра со Бостон, кој ја елиминираше Индијана со 4-0
КОШАРКА – НБА – ЛИГА
Кошаркарите на Далас се пласираа во големото финале на НБА-лигата, откако на гости ја совладаа Минесота со 124-103 во петтиот меч од финалниот плејофот на Западната конференција. Далас славеше против Минесота со 4-1 во победи и е прв на Западот, а во големото финале ќе игра со победникот на Истокот, Бостон, кој, пак, ја елиминираше Индијана со 4-0.
Далас беше убедлив на овој дуел. На полувремето водеше со 19 поени разлика, а имаше и 36 поени предност во третата четвртина, што беше доволно да се пласира во финалето за првпат по 2011 година, кога и го освои шампионскиот прстен. Далас до посакуваниот триумф го предводеа Словенецот Лука Дончиќ со 36 поени, 10 скока и пет асистенции и Кајри Ирвинг со 36 поени, пет асистенции и четири скока.
– Уште за време на утринскиот тренинг имав најголема самодоверба. Чувствував дека ќе одиграме еден од најдобрите натпревари досега – рече Ирвинг.
Во тимот на Минесота најпрецизни беа Карл Ентони Таунс со 28 поени и 12 скока и Ентони Едвардс со 28 коша, девет скока и шест асистенции. Големото финале на НБА-лигата започнува на 6 јуни, на теренот на Бостон. Г.И.