Бостон го елиминира бранителот на титулата Милвоки, а Далас ланскиот финалист Феникс

КОШАРКА – НБА

Бостон го „растури“ бранителот на НБА-титулата Милвоки во седмиот решавачки натпревар со 109-81 во полуфиналето на Источната конференција и во финалето ќе се соочи со Мајами. Серијата мечеви ќе стартува утре.
Кај Бостон најдобри беа Грант Вилијамс, кој постигна 27 поени, од кои седум тројки, и Џејсон Тејтум, со 23 поени. Во поразениот тим, пак, најдобар беше Јанис Антетокунмпо, кој даде 25 поени. За Бостон, кои заедно со Лос Анџелес лејкерс имаат освоено рекордни 17 НБА-титули (последната во 2008 година), ова ќе биде четврти настап во финалињата на конференцијата во изминатите шест години.
Во Западната конференција, Далас си обезбеди место во финалето со убедливата победа во седмиот натпревар, на гости над фаворитот и ланскиот финалист Феникс, со 123-90. Лука Дончиќ имаше дабл-дабл ефект, 35 поени и 10 скока, Спенсер Динвиди постигна 30 поени, а Џејлен Брансон 24 коша.
– Не знам што да кажам, но ова беше неверојатна тимска победа. Сите одиграа најдобро што можат – изјави по натпреварот Словенецот Дончиќ.
Далас во финалето на конференцијата ќе се сретне против Голден стејт. Првиот натпревар се игра во Сан Франциско, в среда.