Фото: Игор Бансколиев

Уште ги немаме загубено шансите за следниот круг. Последните два меча мора да ги одиграме што е можно подобро, иако повторно сме хендикепирани оти ни недостигаат неколку играчи. Ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се укаже шанса, ќе одиме на победа, вели селекторот Драган Бајиќ

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Малку сме од искусните што останавме, а имаме повеќе млади кошаркари. Атмосфера секогаш имало и ќе има во репрезентацијата. Шпанија е со истиот состав што играше и во Македонија. Дали е со Б или А-тим, Шпанија е Шпанија, а ние ќе дадеме сѐ од себе. Дома со Украина ќе одиме на победа и да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на Европското првенство во 2015 година во Загреб, вели искусниот репрезентативен бек Војдан Стојановски за официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонската репрезентација се подготвува во Скопје за последните две средби од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година, со Шпанија на гости и со Украина дома. На подготовките се присутни сите 14 кошаркари (Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Теодор Симиќ, Андреј Јакимовски и Рубин Стефанов). В среда црвено-жолтите патуваат за шпанскиот град Сарагоса, каде што истиот ден, во вечерните часови, ќе го имаат и првиот тренинг во салата „Павилјон Принчипе Фелипе“, во која в петок ќе играат со Шпанија. Три дена подоцна, во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ е дуелот со Украина. На табелата моментно води Грузија, со седум бода, пред актуелниот светски првак Шпанија со шест, но и со натпревар помалку. Тие две селекции веќе обезбедија пласман во втората фаза во квалификациите за СП 2023. Македонија моментно е последна, четврта во групата Г, а трите првопласирани селекции од секоја од осумте групи обезбедуваат пласман во следната фаза. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, решава исходот на директните дуели на тие две селекции.

– Уште ги немаме загубено шансите за следниот круг. Последните два меча мора да ги одиграме што е можно подобро, иако повторно сме хендикепирани оти ни недостигаат неколку играчи. Жалам што не можеме да ја покажеме вистинската сила, но ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се укаже шанса, ќе одиме на победа – вели селекторот Драган Бајиќ, пренесе МКФ.
Репрезентацијата на Украина минимално загуби од селекцијата на Португалија, со 76-77 (26-21, 23-17, 19-18, 8-21), во пријателски дуел одигран во португалскиот град Вијана до Кастело. Решавачка се покажа последната четвртина, кога Украинците постигнаа осум поена, а противникот 21. Украина до крајот на квалификациите за СП 2023 ќе одигра три меча, на 1 јули во Рига (Летонија) со Грузија, на 4 јули во Скопје со Македонија и на 7 јули повторно во Рига, со Шпанија. Г.И.


ГРУПА Г

Шпанија – Македонија петок
Украина – Грузија петок

ТАБЕЛА
Грузија 4 3 1 7
Шпанија 3 3 0 6
Украина 3 1 2 4
Македонија 4 0 4 4