Фото: ЕПА

КОШАРКА – ПО ПОСТИГНАТИТЕ 83 ПОЕНИ НА МЕЧ ОД НБА-ЛИГАТА

  • Адебајо постигна 83 поени во победата на Мајами над Вашингтон со 150-129, што е втор највисок број поени на сите времиња, по оној на Чемберлен, кој постигна 100 поени во 1962 година

Бам Адебајо имаше ноќ за паметење во вторникот, откако постигна 83 поени на еден натпревар во победата со 150-129 на Мајами на дуелот со Вашингтон, што е втор највисок број поени на сите времиња, по оној на Вилт Чемберлен, кој постигна 100 поени во 1962 година. Овие 83 поени на Адебајо се најмногу во 21 век. При тоа тој постави рекорди во НБА-лигата во обиди и во постигнати кошеви од слободни фрлања на еден меч, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Апсолутно надреална ноќ. Очигледно, бевме благословени што бевме дел од многу големи моменти во оваа арена. Моментите се случуваат и благодарен сум што сите можеме да бидеме дел од тоа и да го видиме – рече тренерот на Мајами, Ерик Споелстра.
Рекордот на Чемберлен е 100 поени, Коби Брајант, еден од кошаркарските херои на Адебајо, беше број два на листата со 81 поен. Адебајо никогаш не помислил дека ќе биде во тој клуб.
– Вилт, јас, потоа Коби. Звучи лудо – рече Адебајо.
Бројките на Адебајо на тој меч се 26 поени од удари за два поена, 36 од линијата за слободни фрлања и 21 од линијата за три поени.
– За мене, беше само да останам смирен и да разберам дека можам да одам на нешто посебно. Не мислев дека ќе биде 83. Ова е белег во историјата што засекогаш ќе се памети – рече Адебајо, пренесе АП.
Неговиот рекорд во кариерата пред овој меч беше 41 поен, кој на овој меч го надмина по првото полувреме.
– Го погледнав статистичкиот лист. Беше мошне лудо: 40 шута, 40 слободни фрлања, 20 тројки, тоа бара многу издржливост. Потребно е многу енергија за да се излезе таму и да се остварат тие шутеви, а и да се реализираат, да се постави рекорд, да се надмине Коби како втор играч со најмногу поени во историјата на НБА. Честитки до него. Огромно достигнување, нешто за кое ќе зборуваме засекогаш – изјави ѕвездата на Хјустон и соиграч на Адебајо во репрезентација на САД, Кевин Дурант.
Адебајо во првата четвртина имаше 31 поен, по првото полувреме имаше 43, а на крајот на третата четвртина 62. А потоа дојде четвртата четвртина, кога продолжи со поените и покрај тоа што се соочи со двојна, тројна одбрана на Вашингтон, која постојано го испраќаше до линијата за слободни фрлања.
Претходниот играч што постигна 62 поена во три четвртини беше Брајант, кој имаше точно толку за Лос Анџелес лејкерс на мечот со Далас, на 20 декември 2005 година, пишува АП. Г.И.


НАЈМНОГУ ПОEНИ НА ЕДЕН МЕЧ ВО НБА-ЛИГАТА

КОШАРКАР (КЛУБ) ПОЕНИ ГОД.
Вилт Чемберлен (Филаделфија) 100 1962
Бам Адебајо (Мајами) 83 2026
Коби Брајант (ЛА лејкерс) 81 2006
Вилт Чемберлен (Филаделфија) 78 1961
Лука Дончиќ (Далас) 73 2024
Вилт Чемберлен (Сан Франциско) 73 1962
Вилт Чемберлен (Филаделфија) 73 1962
Дејвид Томпсон (Денвер) 73 1978