Хрватска, БиХ и Грција обезбедија место на ЕП 2022, а Словенија е речиси пласирана на континенталното првенство, каде што би ја бранела титулата освоена во 2017 година
Репрезентацијата на Хрватска прва обезбеди пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во кошарка, откако ја совлада Шведска со 87-72, во групата Д. По истите стапки тргна и БиХ. Избраниците на селекторот Ведран Босниќ во квалификациите двапати ја победија Летонија (62-61 и 79-73) и Бугарија (88-49), а единствениот пораз беше од Грција (65-70), која, исто така, се пласира на ЕП 2022.
Словенија е речиси пласирана на ЕП, каде што би ја бранела титулата освоена во 2017 година. Има уште пет селекции што можеа вчера да ги потврдат своите пласмани, во групите А, Б, Е и Ф, на турнирите во Еспо (Финска), Љубљана (Словенија), Валенсија (Шпанија) и во Талин (Естонија), по одиграните натпревари.
Во групата Б, каде што е и Македонија, освен Италија, која веќе е квалификувана како кодомаќини, ниту една друга селекција не е сигурна. Но евентуална победа на Русија над Италија, во мечот што требаше да се игра вчера, ќе ѝ обезбеди место и на Русија на ЕП.
Европското првенство требаше да се одржи во септември 2021 година, но поради пандемијата на ковид-19 е одложено за септември 2022 година.