Симиќ преку Работнички и МЗТ Скопје стана врвен кошаркар, кој во својата кариера е меѓу рекордерите по освоените трофеи. Настапуваше и за други клубови, а беше член на македонската репрезентација. Сега синовите Теодор и Марио ја продолжуваат кошаркарската лоза Симиќ

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (166)

Еден од плејадата македонски кошаркари што оставија силен печат во овој спорт е Тони Симиќ. Тој, благодарение на својата височина (210 см), ги имаше сите предиспозиции да се развие во врвен кошаркар. Тоа и се оствари, па, така, речиси две и пол децении беше супериорен на центарската позиција во Македонија. На почетокот не толку, меѓутоа, кога созреа како кошаркар, на многу значајни средби, дали да се работеше за Работнички или за МЗТ Скопје, двата клуба во кои ја стекна својата афирмација, на најзначајните средби беше прогласуван за МВП. Предмалку ги споменав двата скопски најпопуларни клуба, зашто, всушност, неговата кариера беше одбележена токму со настапите за нив, иако во еден период беше член и на други клубови во Македонија.

– Во кошарката дојдов по препорака на мојот професор по физичко воспитување во ОУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров, Љубомир Туниќ. Професорот, гледајќи како брзо растам, оцени дека кошарката би требало да биде мој спорт и веднаш ме препорача во КК Работнички. Тука бев прифатен од големиот кошаркарски педагог и тренер Драган Василев-Цевка. Со него ги почнав првите тренинзи, кои, морам да признаам, за мене беа напорни, но гледајќи од оваа временска дистанца и многу корисни. Популарниот Цевка си ја знаеше својата работа, всушност низ негови раце поминаа речиси сите македонски репрезентативци. Во Работнички поминав четири години, за потоа да заминам во МЗТ, каде што бев прифатен од тренерите Саша Димитриевиќ и Бранко Крстевски, кои имаа разработено една кошаркарска школа на високо ниво – ја почнува својата приказна Тони Симиќ.

TИМ СО НЕВЕРОЈАТНА ХЕМИЈА

Во тие години Тони брзо растеше и стигна до 210 см, што беше идеална височина за центарската, но и крилната позиција, зашто тој знаеше да побегне надвор од рекетот и прецизно да бие, особено за тројки, од дистанца.
– Во МЗТ наидов на една прекрасна генерација, тренирана од големиот стратег Александар Књазев. Овде брзо напредував и се изборив за место во првиот тим, во кој, да споменам, тогаш беше и еден од најдобрите Американци што оставија печат во нашата кошарка, популарниот Марк Дин.

Беше извонреден како човек и како играч. Тука беше и кошаркарот можеби со најдолга кариера кај нас, што зборува и за неговите високи квалитети, Перо Блажевски, потоа уште една македонска кошаркарска величина Врбица Стефанов, а за да се дополни хемијата што беше создадена во клубот голем удел имаа Александар Књазев, Мирза Куртовиќ, Боби Петровски, Борис Нешовиќ, Деан Димов. Беше тоа една цврста и компактна екипа, во која, иако млад, со неполни 20 години, и јас имав значајно место – вели Симиќ.
Во купот Сапорта, во 1996 година, КК МЗТ Скопје направи вистински подвиг со победата над кошаркарскиот гигант Реал од Мадрид.

– Тоа беше натпревар за кошаркарските „сладокусци“, квалитетен, динамичен и полн со пресврти. Во салата вриеше како во кошница. На кормилото на Реал беше Жељко Обрадовиќ, а во екипата главен носител на играта беше српскиот интернационалец Бодирога. Мора да признаам дека бев многу возбуден, а неискуството го стори своето. Књазев ме стави во првата петорка, што беше изненадување и за мене. Сакајќи да дадам што повеќе и да се докажам, „наседнав“ на неколку финти на противничките кошаркари и набрзина добив три лични грешки, што беше знак за Књазев да ме повлече од игра. Овој натпревар, полн со многу драматика, во завршницата го добивме, што беше големо изненадување и радост, не само за нашите навивачи туку и за целокупната спортска јавност во Македонија. За таа средба уште долго се зборуваше. Тоа беше еден од оние антологиски мечеви во македонската кошаркарска историја – се сеќава Тони Симиќ.

ОСВОЈУВАЧ НА ДЕВЕТ КУПА И НА 10 ТИТУЛИ

Но со победата над Реал не заврши успешната приказна на МЗТ на европската сцена. Дојдоа и други натпревари, се редеа нови победи, но и порази. Од сите тие, Симиќ посебно ја одделува драмата што се случуваше во мечот со Радиофарм од Улм.
– Се играше завршницата, остануваа уште неколку секунди, противникот имаше предност од три поени. Тогаш во противнапад Германците имаа идеална шанса да ја заверат победата. Но нивниот кошаркар од чиста позиција промаши. Во следниот напад, за да израмниме, единствено ни остануваше да одиме на „тројка“.

Тогаш искусниот Перо Блажевски од голема далечина прецизно биеше и погоди за три поени, што значеше израмнување на резултатот, крај на регуларниот тек и продолжение на натпреварот. Во продолжението често се менувавме во водство, за на крајот ние да победиме. Тоа беше убава награда за сите нас, за борбеноста и издржливоста што ги манифестиравме, особено кога се кршеше резултатот – вели Симиќ.
Ова, исто така, беше една од значајните победи на МЗТ Скопје на европската сцена, со која уште еднаш беше потврден високиот квалитет на екипата од Аеродром. Во годината кога беше совладан Реал, Тони Симиќ со МЗТ Скопје го освои и првиот Куп на Македонија.

– Во финалето што се играше во Радовиш го победивме Тиквеш, откако во полуфиналето го совладавме Работнички. Уште пред почетокот на финалето веќе знаевме, со оглед на тоа што го елиминиравме лутиот ривал, дека Купот ќе биде наш. Меѓутоа, не можев ниту да сонувам дека ќе бидам прогласен за МВП на тоа финале. Тоа беше голема чест за мене. Потоа, бев учесник и во она незаборавно финале кога во салата во Градскиот парк поради „димната завеса“ што го покри теренот, мечот често беше прекинуван. На крајот од маратонскиот меч, мојата екипа се радуваше на победата – вели Симиќ.
Инаку, Тони Симиќ е рекордер по освојувањето на куповите, вкупно девет, од кои три со МЗТ, а потоа дури шест со Работнички. Тоа е еден извонреден куп-биланс со кој мал број кошаркари може да се пофалат. Кога на ова ќе се додадат и 10-те освоени првенства, тогаш станува јасно оти Симиќ е вистински рекордер.

ВРАЌАЊЕ ВО СТАРОТО ЈАТО

На истекот на минатиот век Тони Симиќ, откако постигна сѐ што можеше да се постигне во екипата на МЗТ, мечтаеше за нови предизвици. Тогаш, неговиот прв клуб, во кој всушност зачекори на кошаркарската сцена, Работнички, пројави големо интересирање да го врати Симиќ во своите редови.
– Уште во првиот разговор со челниците на клубот од Градскиот парк беа прифатени моите услови. И самиот бев изненаден, зашто со она што го добив станав најскапо платениот кошаркар во Македонија. Тоа беше и време кога многу беше изразен ривалитетот помеѓу двата скопски клуба, кои едноставно се тркаа кој ќе донесе повеќе квалитетни кошаркари – вели Симиќ

За натамошниот тек на кариерата на Тони Симиќ, за неговите настапи во другите клубови, како и за краткиот период што го помина во Полска ќе читате идната недела. Тогаш ќе стане збор и за неговите настапи во македонската репрезентација, како и за перспективата на неговите синови Теодор, кој е веќе член на Барселона, и за Марио, кој исто така тргнува по стапките на татко си.


ТОНИ СИМИЌ

Роден: во 1976 година во Скопје
Кариера: Работнички, МЗТ Скопје, ССК Кoтовицa од Коложбег (Полска), Вардар осигурување, Торус, Лирија, Фени индустри, Гостивар, младинска и сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: Освоени вкупно 19 трофеи, девет во Купот и 10 во првенствата на Македонија