КОШАРКА – ГЛАСАЊЕ ВО ЕВРОПА
Чикаго е најдобра НБА-династија на сите времиња

По еднонеделниот период на гласање, тимот на Чикаго булс од периодот од 1995 до 1998 година освои 46 отсто од вкупниот број гласови во гласањето во Европа за најдобра НБА-династија на сите времиња, во рамките на прославата 75 години на кошаркарската НБА-лига. Втор е Бостон од периодот од 1958 до 1969 година (24 отсто), а потоа се Голден стејт 2015-2018 (15 проценти), Лос Анџелес лејкерс 1979-1989 (12 отсто), Бостон 1980-1987 (три отсто). Гласовите на публиката учествуваа со 50 отсто во конечниот резултат, а жирито ги одреди преостанатите 50 отсто. Во текот на сезоната 2021/2022 другите гласања ќе бидат за најдобар НБА-дрес на сите времиња, најдобар европски НБА-момент и за најдобар прв и втор европски НБА-тим на сите времиња.


КОШАРКА – НБА

Јокиќ надмина рекорд на Џордан стар 34 години

Српскиот центар Никола Јокиќ, кој на натпреварот во Мајами забележа 24 поени, 15 скока и седум асистенции, дојде и до уште еден најдобар статистички ефект во кошаркарската НБА-лига. Станува збор за плус/минус факторот што стои на крајот од колоната за статистиката и кој покажува дали додека одреден играч е на паркетот, неговиот тим постигнува повеќе поени од ривалот или прима повеќе. Просекот на Јокиќ од плус 15 (Денвер постигнува 15 поени повеќе по натпревар кога игра) по 15 меча во сезоната е најдобар во историјата на НБА, со што го собори рекордот што досега го држеше легендарниот Мајкл Џордан, поставен во 1987 година.
На второ место по 15 први средби во сезоната покрај Џордан (1987) е и Крис Пол (2016) со по 12,7, а четвртото место го делат Лука Дончиќ (2019) и Леброн Џејмс со по 12,5 (2011). Јокиќ, кој игра во екипата на Денвер, засега е четврти стрелец според просек на поени по меч (26,2), втор по скокови (13,7), 15-ти по асистенции (6,4)…