Ги следам, а и во постојан контакт сум со нашите интернационалци, ги гледав во живо Димитрјевиќ, Јакимовски, Миловановиќ и Стојановски. Задоволен сум од она што тие го прикажаа на теренот, вели селекторот Тодоров во пресрет на првите два меча од квалификациите за ЕП 2021, со Естонија дома и со Русија на гости
Македонската кошаркарска репрезентација квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година ги почнува на 20 февруари, со меч со Естонија дома, а три дена подоцна е дуелот со Русија на гости. Во квалификациската група е и Италија. Новиот македонски селектор Александар Тодоров веќе го објави поширокиот список на репрезентативци за првите два квалификациски меча. Се чека скратениот список.
– Ја следам играта на сите потенцијални кандидати од поширокиот состав на репрезентацијата за претстојниот квалификациски циклус против Естонија и против Русија. Скратениот список ќе биде објавен по одигрувањето на последното коло во лигите каде што настапуваат, некаде околу 7-8 февруари – појаснува Тодоров, кој на селекторската функција дојде при крајот на декември минатата година.
Според него, многу работи околу составот ќе зависат токму од здравствената состојба на кошаркарите.
– Како селектор, речиси имам увид кои се 15-те кошаркари што ќе влезат во скратениот состав, но имам и одредени дилеми. Сепак, многу работи ќе зависат токму од здравствената состојба на играчите. Впрочем, повредените играчи се и најголем страв за секој селектор – вели Тодоров.
Во поширокиот список фигурираат осуммина интернационалци.
– Ги следам, а и во постојан контакт сум со нашите интернационалци. Така го гледав во живо натпреварот на Ненад Димитрјевиќ со Хувентуд против Мурсија, потоа на Андреј Јакимовски (Мутуа баскет Торино – н.з.) и на Марко Миловановиќ (Кремона баскет – н.з.) на турнир во Болоња, како и на искусниот Војдан Стојановски. Задоволен сум од она што го прикажаа тие на теренот – рече Тодоров, кој моментно е тренер на романска Крајова.
Пред првите дуели од квалификациите, селекторот има сознанија за ривалите.
– Естонија, повеќе или помалку, ја знаеме. Веќе имам изработено скаутинг за нивните играчи, но, за жал, немаме информации за тактичкиот дел на играта со новиот селектор, Финецот Јука Тоијала. Него добро го познавам уште кога беше тренер на Стеауа во романскиот шампионат и против кого одиграв и 2-3 натпревари, а имав можност да ја гледам и финската репрезентација, која практикува брза игра со ниски играчи. Но, исто така, и тие немаат многу информации за нашата тактичка игра. За Русите веќе имам одредени сознанија врз база на она што го видовме на последното Светско првенство во Кина. Но во врска со нив, многу работи ќе бидат познати откако ќе биде објавен потесниот список на играчи, поточно дали ќе им биде дозволено на 10-те кошаркари што играат во ЦСКА и во Зенит да отсуствуваат од настапите во европските купови. Во секој случај, тоа е многу поискусна селекција, а и играчкиот состав е многу посилен – коментира Тодоров, кој е 14-от по ред селектор на македонската репрезентација.
Од групата Б на ЕП 2021 ќе играат најдобрите две селекции од групата, не сметајќи ја Италија, која е еден од домаќините на ЕП и директно се пласира на шампионатот.
Првиот репрезентативен собир е закажан за 12 февруари со заедничка вечера на кошаркарите. Следниот ден од 12 часот е првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, каде што и ќе ги одржуваме сите тренинзи. Предвиден е еден тест-натпревар од затворен карактер на 15 или 16 февруари. Но тука се појави еден проблем. Во овој период, исто така, и многу други селекции се подготвуваат, но сакаме тој меч да го играме дома, а повеќето селекции сакаат ние да им бидеме гости. Ако не успее оваа варијанта, тогаш може да играме и со некој европски клуб, а како последна варијанта е тоа да биде македонски клуб, каде што ќе можат сите играчи да одиграат по петнаесетина минути, вели македонскиот селектор Александар Тодоров.