КОШАРКА – КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“

Во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, од денеска до недела ќе се одржи завршницата во машкиот кошаркарски куп, кој од годинава го носи името „Благоја Георгиевски – Буштур“, во чест на легендата на македонската кошарка што трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа.
На завршниот Куп-турнир ќе настапат најдобрите осум екипи: Пелистер, Навико Академија ФМП, Работнички, ТФТ, Еуро Никел, Гостивар, МЗТ Скопје и Куманово. Купот започнува со дуелот Пелистер и Навико ФМП академија (12 часот), потоа ќе играат Работнички – ТФТ (14.30 ч.), Еуроникел – Гостивар (17 ч.) и МЗТ Скопје – Куманово (19.30). Утре, пак, се полуфиналните натпревари (17 и 19.30 ч.), додека финалето е закажано за во недела (17.30 ч.). Победникот ќе биде и прв освојувач на Купот што го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски – Буштур. Пелистер, кој е прв во првенството по 22 одиграни кола, се смета за благ фаворит за освојување на трофејот.
– Се надеваме на квалитетна кошаркарка во претстојниот Куп и дека најдобриот ќе го освои победничкиот пехар. Посакувам пред сѐ да има фер и коректна игра на теренот – рече спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија, Тодор Гечевски.
Последен освојувач на Купот беше Работнички пред две години (лани не се одржа поради ковид-19 н.з.), кој во финалето го совлада тимот на Блокотехна НБ со 85-71, што претставуваше негова 10-та освоена титула.