Од таму шутирај колку сакаш, му порача спортскиот коментатор Игор Трпески на израелскиот кошаркарски репрезентативец Равив Лимонад, следејќи ја возбудливата завршница од мечот со Македонија на Европското првенство во Полска во 2009 година. Лимонад потоа го погоди шутот за три поени од голема далечина, на изненадување на Трпески кој рече „како колку сакаш… што ли беше сега ова… каква бомба, страшно. Неверојатно, од девет метри… каква тројка сега на Лимонад“. Израелецот тогаш само го намали водството на Македонија, но „црвено-жолтите“ славеа со 82-79.
Шутевите од девет метри пред десетина години беа невообичаени, но тие се рутина за НБА-ѕвездата Стеф Кари (33), кој ноќеска веројатно потврди дека е најдобриот шутер на сите времиња, соборувајќи го рекордот на славниот Реј Ален за постигнати тројки во најквалитетната светска кошаркарска лига. Бекот на Голден Стејт вориорс ја погоди неговата 2.974-та тројка во победата против Њујорк никс 105-96 во „Медисон сквер гарден“.
– Ова е убав завршеток на последнава недела. Во очекување на рекордот се создаде посебна атмосфера. Толку многу го ценам начинот на кој навивачите беа заедно со мене во моментот. Кога шутнав од крило, чувството беше добро, шутот изгледаше добро – се чувствував како да бевме дома. Тоа со сигурност беше посебен миг на кој ќе се сеќавам до крајот на животот, во поглед на тоа што ми значи да го надминам Реј. На него и на Реџи им се угледував кога доаѓав во лигата. Ова дефинитивно е нешто посебно – кажа Кари кој сезонава се истакнува и меѓу водечките кандидати за МВП-наградата.
Реј Ален и Реџи Милер, двајца од најубоитите шутери во историјата на НБА беа присутни во салата и му честитаа на Кари на неговото достигнување по мечот.
Американските медиуми пресметаа дека одличниот бек би можел да постигне уште барем 1.450 тројки до крајот на кариерата, доколку настапува уште пет години и одигра барем 80 отсто од мечевите на вориорс, со што би го зацврстил рекордот.
Се смета дека начинот на игра на Кари, односно неговите шутерски способности придонесоа за револуција во НБА-лигата во ударот за три поени има значајна улога. Обидите за три поени надминуваат 40 отсто од вкупниот број на упатени шутеви на 16 од 30-те екипи во НБА-сезонава. А оддалеченоста од која играчите шутираат исто така се зголемува, со што јави и идејата за воведување на линија за четири поени во НБА-лигата. Бекот на Портланд трејлблејзерс Демиен Лилард го доби прекарот „лого Лилард“ бидејќи честопати шутира од близина на клупскиот амблем поставен на центарот на теренот. Затоа може да се каже дека познатата реплика на Трпески сега добива поинакво значење, бидејќи Стеф Кари може „од таму да шутира колку сака“ и да погодува.