Во рамките на 13-то коло од домашното првенство во првата кошаркарска лига вечерва на гостувањето во Гостивар кошаркарите на Куманово загубија од екипата на Гостивар со 81:78 (41:36) со што го доживеаја и шестиот пораз сезонава.
Кошаркарите на Куманово по добрата игра и успешниот старт минатиот викенд во првото пролетно коло против екипата на Вардар вечерва во Гостивар и покрај добрата игра доживеаја минимален и несреќен пораз од 81:78 и покрај тоа што во поголемиот дел од натпреварот беа рамноправен противник на домашните кошаркари на Гостивар а на моменти и за нијанса подобри особено во последната четвртина кога во 34-та минута имаа и солидна предност и позитива од +11 поени (57:68) која што предност за жал не успеаја да ја задржат до крајот на натпреварот поради што мораа да се помират со минимален и достоинствен пораз. Што се однесува пак до самиот вечерашен натпревар тој се одигра пред полни трибини во спортска сала во Гостивар и тоа во извонредна кошаркарска атмосфера што многу ретко се случува во домашното кошаркарско првенство и речиси во целиот тек беше интересен, возбудлив но и крајно неизвесен се до последните моменти кога на крајот се чини среќата повеќе им беше наклонета на домашните кошаркари кои до победата стигнаа со пресврт дури во самиот финиш кога во последната секунда имаа водство од два поени (80:78) а кошаркарите на Куманово пропуштија шанса за победа преку обидот за три поени на својот вечерва најдобар поединец, плејмејкерот Филип Думиќ .
Било како било вечерва кошаркарите на Гостивар и Куманово одиграа навистина квалитетен кошаркарски натпревар доследен за квалитетот на нашето домашно кошаркарско првенство.
Најефикасни кошаркари на натпреварот во победничката екипа на Гостивар беа Александар Костоски со 22 и американецот Џозеф Фустингер со 11 кошови додека пак во гостинската екипа на Куманово Филип Думиќ со 18 и младиот центар Леонид Тодоровски со 15 постигнати кошови.
Во наредното коло 14 од првата кошаркарска лига екипата на Куманово на домашен терен игра со екипата на КК Охрид
Т.Д.