Кошаркарите на Хјустон рокетс го совладаа шампионот Голден Стејт вориорс со 98-94 и се доближија на чекор од НБА-финалето, поведувајќи со 3-2 во финалето на Западната конференција.
Првата ѕвезда на „ракетите“ Џејмс Харден не погоди ниту еден од 11-те обиди за три поени, со што ги промаши последните 20 шута за тројка, но тој не е загрижен поради слабата шутерска форма.
– На кого му е гајле? Само промашувам шутеви. Но ние победуваме, а јас се обидувам да придонесам во одбрана и да правам други нешта што му помагаат на тимот да победи. Додека имаме играчи како Ерик Гордон, кои погодуваат, на кого му е гајле – порача Харден, кој го заврши натпреварот со 19 поени, при пет погодени удари од 21 обид.
Гордон беше најефикасен кај Хјустон со 24 поени, а неговите две реализирани слободни фрлања го поставија конечниот резултат на десет секунди пред крајот на мечот. За „воините“ четири играчи реализираа над 10 – Дурент 29, Стеф Кари 22, но само 2/8 од три поени, Клеј Томпсон 23 и Дрејмонг Грин 12.