Германките ни се познати, беа со нас во претходниот циклус кога јас бев во стручниот штаб. Имаат играчи во ВНБА и во Евролигата, но јас сум преголем оптимист и ќе се обидеме да ги искористиме нивните слабости. Најсилни се под кошот, но слабостите ќе ги бараме кај нивните бекови, вели селекторот Ашаданов

КОШАРКА – УТРЕ ПОЧНУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2023

Македонската женска кошаркарска репрезентација утре (19.30 часот), во Хале, со Германија треба да го одигра првиот натпревар во ноемврискиот дел од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година, во Словенија и во Израел. Вториот дуел, со БиХ, е в недела во Скопје, а во оваа група е и репрезентацијата на Белгија.
– Се надевам дека сите проблеми со повредените кошаркарки ќе ги надминеме и ќе бидеме подготвени за првиот дуел со Германија. Мал хендикеп ќе ни биде отсуството на центарот Ивана Кметовска. Германките ни се познати, беа со нас во претходниот циклус кога бев во стручниот штаб. Имаат кошаркарки во ВНБА и во Евролигата, но јас сум преголем оптимист и ќе се обидеме да ги искористиме нивните слабости. Најсилни се под кошот, а слабостите ќе ги бараме кај бековите. Групата е релативно добра, можеме до успех, а тоа би било победи против поквалитетни репрезентации од нас. Сѐ е можно, но примарна цел ни е победа – изјави селекторот Александар Ашаданов.
Репрезентацијата на Германија досега 15 пати настапила на ЕП, а најдобар пласман ѝ е бронзениот медал во 1997 година во Унгарија. Македонија досега не играла на ЕП ниту на СП. Волт Хопкинс, селекторот на Германија, го објави списокот со 16 кошаркарки. На списокот доминираат неколку кошаркарки што настапуваат надвор од Германија, а во прв ред Алина Хартман, која игра во Канарија, Мари Гулич за Валенсија, како и Ема Сташ во Панатинаикос. Во составот се и две кошаркарки што играат во Франција, Луиса Гисенсодер (Бретањ Баскет) и Леони Фебиш (Кароло Баскет).
Список на кошаркарки за мечот со Германија: Анџелика Митрашиновиќ (Тарбес, Франција), Илина Селцова (Пеац, Унгарија), Девона Бонер (Конектикат Сан, САД), Тијана Митрева (Динамо Сасари, Италија), Ивона Кожобашиовска (Динамо Сасари, Италија), Матеа Николиќ (Канзас Атлетикс, САД), Драгана Петковска (Вардар), Кате Поп-Димитрова (Баскет Кам), Елена Тасевска (Баскет Кам), Марија Димитријевиќ (Бадел 1862), Александра Стојановска (Бадел 1862) и Нена Трајчевска (Бадел 1862).