Убавиот гест за добредојде на славниот кошаркар Леброн Џејмс во Лос Анџелес се претвори во симбол на незадоволство и на гнев за градот, пренесува австралиски „Њуз“.
Уметникот Џонас Невер наслика голем мурал со ликот на Џејмс откако 14-кратниот учесник на олстар мечевите се согласи да потпише четиригодишен договор вреден 208 милиони долари со Лос Анџелес лејкерс на 1 јули. Но, муралот бил вандализиран во два наврати за пет дена, што го натерало Невер да го прекрие со бела боја.
– Мислев дека пред долго време научив оти не треба да ги чепкам религијата и политиката. Но, веројатно требало да биде, религијата, политиката и оние што се против Коби (се мисли на поранешниот кошаркар на Лејкерс Коби Брајант – н.з.) – изјави Невер за магазинот И-ес-пи-ен.
Тој и специјалистот за графити Фернандо Валдез го сликале муралот 12 часа, користејќи една канта боја и 75 конзерви спреј за графити.
Покрај ликот на Џејмс стоел слоганот „кралот на Лос Анџелес“, а Невер го сменил натписот во „кралот Лос Анџелес“ откако муралот бил вандализиран првпат, но и тоа не помогнало за да се зачува. Неговите противници напишале „Не те сакаме тука“, „Не е крал“ и „3-6“. Џејмс има три шампионски прстени во НБА, во вкупно девет одиграни финалиња во плејофот.
Останува да се види каков прием ќе има кошаркарот познат под прекарот Кралот меѓу навивачите на Лејкерс, кога ќе почне претстојната сезона во НБА-лигата.