Во Минеаполис на завршницата на НЦАА, во утрешните полуфинални дуели, ќе се сретнат Вирџинија – Обурн и Мичиген стејт – Тексас тек на стадионот
што собира 73.000 гледачи
Викендов во Минеаполис, Минесота, ќе се одржи фајналфор-турнирот во американската универзитетска кошарка (НЦАА). По разигрувањето по конференции и по возбудливите мечеви во т.н. мартовско лудило, во утрешните полуфинални дуели ќе се сретнат Вирџинија – Обурн и Мичиген стејт – Тексас тек. Финалето е в понеделник (3 часот по средноевропско време).
Домаќин на турнирот, четврти пат во историјата на ова натпреварување (1992, 2001, 2008 и 2019), е градот Минеаполис. Мечевите ќе се играат во супермодерниот стадион (има фиксен, застаклен покрив), кој беше завршен во 2016-та и за чија изградба беа потрошени 1,1 милијарда долари (плус 600 милиони за уредување на околниот простор) и е со капацитет од 73.000 седишта. На него настапува тимот од американската фудбалска лига (НФЛ) Минесота вајкинг, а лани беше домаќин и на супербоулот (финалниот меч) во НФЛ.
Минеаполис е еден од најбрзорастечките градови во САД последниве години и децении, со над 40.000 нови жители во новиот милениум. За еден град да аплицира и да ја добие организацијата на ваков фајналфор-турнир потребно е да гарантира 10.000 хотелски соби во временски радиус од триесетина минути во централното градско подрачје. На натпреварите и во градот викендов се очекува да дојдат над 100.000 луѓе (лани за супербоулот во Минеаполис имало над 125.000 посетители). Завршните натпревари пред ТВ-екраните ќе ги проследат милиони гледачи во САД и светот (лани финалето го гледале над 30 милиони Американци). За правата за пренос на финалните НЦАА-турнири во периодот од 20 години, од 2011-та до 2032-та, компаниите „Си-би-ес“ и „Тарнер“ платиле 19 милијарди долари. Во поглед на заинтересираноста на компаниите за рекламирање со НЦАА може да се спореди само НФЛ. Лани за време на мартовското лудило од рекламите биле инкасирани 1,32 милијарда долари.
Цените на билетите се посебна приказна. Кон крајот на март билет за финалниот меч се продавал за 12.500 долари, што, сепак, е помалку од финалето во кошаркарската НБА-лига лани. Според „Тикетсити“ за вториот меч Голден стејт – Кливленд се нуделе влезници по цена од 77.000 долари.
Браун е единствен со трофеи во НЦАА и во НБА
Само тројца можат да се пофалат со титули во НЦАА како кошаркари и како тренери. Тоа се Џое Б. Хол, во двата случаја со Кентаки, потоа Боби Најт со Охајо стејт и со Индијана, како и Дин Смит со Канзас и со Северна Каролина. Единствениот тренер што има титули во НЦАА и во НБА е Лари Браун, со Канзас џејхокс (1988) и со Детроит пистонс (2004). Првиот шампионат во НЦАА се одржал во 1939 година и на него настапиле само осум тима. Титулата ја освоил Орегон вебфутс, кој во финалето го совладал Охајо стејт. Најуспешен е УКЛА (Универзитет на Калифорнија) со 11 титули.
Фраза што стигна до суд
Фразата мартовско лудило, која се користи за завршницата на американското универзитетско кошаркарско првенство, е од 1982 година, кога при преносите неколкупати ја изговорил спортскиот коментатор Брент Масбургер. Во 1996 година таа фраза дошла и до суд, бидејќи средношколското првенство во Илиноис тврдело дека ја користела од 1939 година. Судската постапка довела до мошне невообичаена одлука, со која на секоја страна ѝ се дозволуваат посебни права за користење на „заштитниот знак“.